ШКОТСКА, ВЕЛС И СЕВЕРНА ИРСКА ВО ЗАЕДНИЧКИ ФРОНТ ЗА НЕЗАВИСНОСТ Дали е ова почеток на крајот на Обединетото Кралство?

Лидероте на трите земји, Џон Свини, Рун ап Иорвет и Мишел О'Нил денеска во Кардиф ќе потпишат декларација со која ќе побараат право на самоопределување и одржување референдуми за идниот уставен статус на нивните земји.

0

Лидерите на трите најголеми про-независни партии во Шкотска, Велс и Северна Ирска, истовремено и високи државни функционери, денеска ќе се состанат во Кардиф, каде што се очекува да потпишат заеднички меморандум за разбирање со кој ќе побараат право на самоопределување и одржување референдуми за независност.

На состанокот ќе учествуваат лидерот на Шкотската национална партија (СНП) и премиер на Шкотска, Џон Свини, лидерот на велшката Плејд Кумри (Plaid Cymru) и премиер на Велс, Рун ап Иорвет, и заменик-претседателката на Шин Фејн (Sinn Féin) и премиерка на Северна Ирска, Мишел О’Нил. На состанокот ќе присуствува и претседателката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд.






Премиери, ама настапуваат како партиски лидери

Иако тројцата истовремено ги предводат децентрализираните влади во Шкотска, Велс и Северна Ирска, на состанокот во Кардиф тие ќе настапуваат во својство на лидери на своите политички партии, а не како официјални претставници на владите.

Поради тоа, меморандумот не претставува формален договор на трите влади со кој тие би започнале процедура за напуштање на Обединетото Кралство. Станува збор за политичка иницијатива на про-независносните партии со која сакаат да го координираат притисокот врз владата во Лондон и да го наметнат прашањето за идниот уставен статус на нивните земји.

Што предвидува декларацијата

Според „Телеграф“, документот ќе го истакне правото на Шкотска, Велс и Северна Ирска на самоопределување и ќе бара да им биде овозможено да одржат референдуми доколку нивните граѓани сакаат да одлучуваат за независност или за промена на уставниот статус.

Меморандумот треба да опфати и соработка во неколку области – економијата, енергетиката, односите со Европа, меѓународната соработка и прашањето на самоопределувањето.

Трите партии истовремено сакаат да ја зајакнат соработката со европските земји и да го промовираат европското идно насочување на Шкотска, Велс и Северна Ирска. Според извештаите за документот, во случај на независност, Шкотска и Велс би настојувале да станат членки на Европската Унија, додека Северна Ирска би можела да стане дел од ЕУ преку евентуално обединување со Република Ирска.

Тоа, сепак, не значи дека декларацијата сама по себе започнува процес на распад на Обединетото Кралство. За евентуална независност би биле потребни дополнителни политички и правни чекори, како и изјаснување на граѓаните.

Притисок врз Лондон

Состанокот во Кардиф доаѓа во момент кога прашањето за нов шкотски референдум повторно е во центарот на британската политика.

Британскиот премиер Енди Барнам неодамна изјави во парламентот дека би требало да се разгледа можноста за референдум доколку во Шкотска постои „јасен консензус“ за такво гласање. Шкотскиот прв министер Свини веднаш побара од Барнам таа изјава да ја претвори во конкретен правен механизам за одржување референдум.

Но, британската влада потоа ја појасни својата позиција. Барнам во писмо до Свини нагласи дека во моментов нема доволно консензус во Шкотска за нов референдум, па такво гласање не е на дневен ред. Токму затоа состанокот во Кардиф се гледа како обид на трите про-независносни партии да го зголемат политичкиот притисок врз Лондон.

Трите заемји во различни позиции

За Шкотска, ова би било продолжување на долгогодишното барање за нов референдум по гласањето во 2014 година, кога мнозинството Шкотланѓани се изјаснија против независноста.

Во Велс, пак, Плаид Кумри ја презеде власта по изборите во мај, создавајќи ситуација во која за првпат про-независни партии ги предводат сите три децентрализирани администрации – Шкотска, Велс и Северна Ирска.

Сепак, велшкиот прв министер Рун ап Иорвет нагласува дека неговата цел не е непосредно „разбивање“ на Обединетото Кралство, туку зајакнување на Велс и овозможување на неговите граѓани сами да одлучат за иднината.

Во Северна Ирска, прашањето има поинаква уставна рамка. Евентуално обединување со Република Ирска е регулирано со принципите на Договорот од Велики петок од 1998 година и би зависело од условите за одржување референдум и од исходот на гласањето.

Поврзани содржини