СДСМ СО ШИРЕЊЕТО ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ВОДАТА Е НА ЛОШ ПАТ Муцунски бара максимални казни за оние што шират паника
Министерот за надворешни работи и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски потсети дека во изминатиот период опозицијата повеќе пати создавала хистерија со тврдења дека нема да има плати и пензии, дека ќе има мигранти и дека надворешната политика не функционира.
Ширењето лажни вести и дезинформации од страна на СДСМ е лоша траекторија по која се движи најголемата опозициска партија, вели министерот за надворешни работи и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
– Седум години го уништуваа системот и ја поткопуваа довербата на граѓаните во институциите, а сега, кога се обидуваме да изградиме стабилен систем, преку лажни вести и дезинформации се создава паника – рече Муцунски во гостување на Сител.
Тој нагласи дека мора да постои одговорност за ширењето лажни вести и предизвикувањето паника.
Потсети дека во изминатиот период опозицијата повеќепати создавала хистерија со тврдења дека нема да има плати и пензии, дека ќе има мигранти и дека надворешната политика не функционира.
– Наша обврска како политичари е да наоѓаме решенија за проблемите. Кога сме на власт, да ги решаваме, а кога сме во опозиција, да критикуваме конструктивно и тогаш кога критиката е основана. Мора јасно да ја разграничиме критиката од лагата и ширењето хистерија – порача Муцунски.
Тој посочи дека е потребен политички консензус за клучните прашања, но и одговорност кога со дезинформации се нарушува довербата во институциите.
– Треба да има одговорност за сите што шират паника и максимални казни доколку се докаже таквото постапување. Само така државата ќе функционира. Тоа не е обврска само на извршната власт, туку и на функционално и ефикасно правосудство кое треба да обезбедува правда – нагласи Муцунски.
Преку ширење хистерија и лажни вести се губи довербата во системот, додаде тој.