Денот треба и надвор силно да светне
Сакам да кажам: да, денот треба силно да светне дома, но уште посилно надвор, на меѓународен план, особено во мигови кога на државата ѝ треба засилена културна идентификација!
Заветот за „исправена земја“ сега станува појасен во корелација на почетокот на прославата на 35 годишнината од независноста на државата. Така веројатно и треба да биде, иако се покажува дека силно светнатиот ден некому му го помрачува умот. За жал. И уште еднаш потврдува дека политичките и човечките капацитети на одредени политикантски – сега опозициски – структури кои дури полагаа(т) и право на државотворност се страотно ретроградни. И завидливи, и неумесни, и простачки, и…
Се разбира, јас нема да се спуштам на нивото на „лидеро“ им. Сосема спротивно: ќе се обидам да загатнам некои повисоки сфери на некаква културна политика, инаку вообичаени во дел од европската култура кон којашто, нели, стремиме.
Или, на пример, сите културни манифестации во државата (а ги имаме и повеќе од доволно) можеа, со видливи назнаки, да бидат во знакот на одбележувањето на 35 годишнината од независноста, така што целата земја ќе беше континуирано „покриена“ со празнувањето во текот на целата година.
Дури ни едно „Охридско лето“ на официелниот пропаганден материјал нема таква назнака! А тоа се „мали“, ненаметливи детали коишто заокружуваат една смислена целина. Секако, во таа целина доминантни се – ќе бидат – оние наменски манифестантни настани низ повеќе градови во државата, но сепак…
Поточно, Министерството за култура ионака ги финансира повеќето културни манифестации во државата и можело да ги задолжи да пропагандниот материјал да го истакнат логото на одбележувањето на 35 годишнината од независноста!
Во тој контекст има уште редица слични „детали“ што можеле да го продлабочат не само визуелниот сегмент на оваа прослава. Но, како што сугерира и самиот наслов на овој текст, овде поентата е во нешто друго. Поточно, актуелниот македонски миг експлицитно сугерира наше поголемо присаство (барем) на европската културна сцена, како пандан на политичките напори за разбивање на оние идентитетски црнила што доаѓаат преку источната граница.
Во таа насока, земјите со поголемо културно и дипломатско искуство, ваквите годишнини ги користат за промоција на културата вон границите. Во нашиот случај тоа требало да бидат барем неколку клучни европски земји со одлучувачко влијание во евроинтегративниот процес!
Се разбира, таквата меѓународна културна промоција не се договара „од денес за утре“ туку на неа морало да се мисли и работи барем две години однапред. Ако не и подолго. Зашто овде не мислам на музички „спектакли“ од типот „Силно светнал ден“ бидејќи таквите содржини не би ја издржале европската конкурентност но и доза на сомничавост за слични настани што доаѓаат од Балканот, туку мислам на најдрагоцените содржини што Македонија може да ги понуди: уметничкото творештво! Македонските музеи „кријат“ непроценливо античко, средновековно и современо творештво коешто, ако е навреме понудено, секогаш предизвикува внимание на пробирливата европска публика.
И во овој контекст безмалку и нема што многу да се размислува. Македонските икони, вклучувајќи ги и теракотните, по правило предизвикуваат возбуда кај европските уметнички познавачи. Или, на пример, зошто во единствената мозаична икона „Исус Христос на престол“ да можат да уживаат само посетителите на Охрид, а не и европската публика, заедно со репрезентативен избор и на други врвни македонски икони како вистинска уметничка реткост од овие простори? Или копии на познатите македонски фрески, или дел од македонското етнолошко богатство (вез, носии, килими…)?
Ако пак ова културно наследство не соодветсвува на идејата за 35 годишнината од независноста – иако не гледам зошто? – една репрезентативна селекција на македонската современа визуелна уметност би била сличен полн културен погодок. Во секој случај, барем Европа, а со неа и државите од еу (малите букви се…), умеат да ја ценат и да уживаат во уметноста. А тоа Македонија може(ла) да им го пружи, дури и само со дела од последните 35 години! Можеби некој сметал дека ние сме доминантни во спортот – како што тоа сака да го прикаже спотот „Силно светнал ден“ – но тоа во реалноста не е баш така.
И сега, овде, можам да почнам да редам автори и дела, почнувајќи од она прво учество на Македонија како независна држава на Биеналето во Венеција во 1993 година со учеството на Глигор Стефанов и Петре Николовски па наваму, но тоа веќе не е целисходно. Секако, голот на Шаќири од корнер е впечатлив, но замислете една врвна македонска уметничка репрезентација распослана низ музејски/галериски простори во Берлин, Париз, Амстердам…!
Сакам да кажам: да, денот треба силно да светне дома, но уште посилно надвор, на меѓународен план, особено во мигови кога на државата ѝ треба засилена културна идентификација!