МАКЕДОНИJА БАРА ЈАСНИ ГАРАНЦИИ И РЕЦИПРОЦИТЕТ ВО ПРЕГОВОРИТЕ Нема преговори за идентитетот, јазикот, историјата и за културата
Македонија бара јасни гаранции за уставните измени во форма на уставни измени со одложена примена или гаранции од европските инститции и почитување на правата на Македонците во Бугарија како принцип на реципроцитет, нагласи шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во контекст на уставните измени и почетокот на преговори за влез во ЕУ, вечерва повтори дека за нас се значајни суштински две работи – првата е да имаме јасни гаранции што или ќе бидат проточени во нашиот правен систем — уставни измени со одложена примена или ќе има гаранции од европските институции.
– И исто така, за нас е значаен концептот на меѓународно-правен реципроцитет во делот на човековите права. Односно, кога Бугарија очекува од нас ние бугарското малцинство да го внесеме во нашиот Устав, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на почитувањето на основните човекови права на Македонците коишто живеат на територија на Бугарија – рече Муцунски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.
Во рамките на тие наши позиции, нагласи тој, веруваме дека може да се најде не само рационално решение, туку решение коешто ќе биде одржливо бидејќи нашата цел дефинитивно е без никаква дилема да се најде решение.
– Но, нашата цел е да се најде решение коешто нема да нè стави во истата позиција во којашто сме денес за неколку недели или неколку месеци. Затоа ние велиме: ова решение коешто сега го има на масата, коешто ни е претставено, коешто претходната Влада за жал како такво го прифати, е неодржливо и решение коешто ќе создаде дополнителна криза во нашите европски интеграции. И за нас нема никаква дилема дека вакво решение е неприфатливо во овој момент – рече Муцунски.
Во врска со информациите дека се моделира новиот пристап за проширување на ЕУ и дека тоа би било презентирано на ЕС во октомври, Муцунски кажа дека динамиката за ваквите разговори се забрза по неколкуте објавени нонпејпери, а еден доби најголемо внимание – „оној на францускиот претседател и германскиот канцелар пред самитот во Тиват“, но потоа и неколку други што беа презентирани од групи на земји со различни гледишта.
Примарно целта е, вели Муцунски, да се даде нова димензија на политиката за проширување, но таква каква што е, се смета од страна на институциите и на земјите членки дека не е адаптирана на ова време во кое што живееме.
– И затоа сега целта е да се создаде нов концепт, којшто се надеваме ќе биде попредвидлив. Точно е дека се совпаѓа со дебатата за повеќегодишниот буџет којшто ЕУ ќе треба да го донесе во следниот период – рече Муцунски.
За нас како држава и како земја кандидат во суштина една работа е многу значајна, потенцира министерот за надворешни работи, а тоа е „овој модел да не даде алтернатива за полноправното членство, туку и оние политики коишто ќе се насочени кон засилена соработка со земјите кандидати да бидат паралелни процеси, а крајната цел на сите процеси да биде полноправно членство“.
– Тоа што е значајно за нас, сигналите коишто ги добиваме е дека ова ново моделирање ќе биде во таа насока, дека ќе има одредени придобивки коишто ќе се даваат на земјите кандидати во процесот на преговори, коишто во моментот не се обезбедуваат, но сепак дека крајната цел ќе биде полноправно членство. Јас сакам тука само на крај да нагласам дека ние сепак не сме земја членка. Ние можеме да дадеме наше гледиште, наш импут, но не сме помеѓу оние коишто одлучуваат – рече тој.
Министерот за надворешни работи и трговија Муцунски ги негираше тврдењата дека „за тајни разговори или разговори под радарот“ за деблокада на процесот за почеток на преговори со ЕУ, велејќи дека тој тоа не го кажал.
– Тајни разговори или разговори под радарот — нема – рече Муцуски и додаде дека тоа може да се види од сите негови изјави.
Има разговори, рече министерот, од моментот кога е формирана Владата до денес, кои тој тековно ги обавува со министри за надворешни работи на земјите членки, со европски претставници, разговори на претседателот на Владата, разговори на претседателката на државата. – Постојано во сите разговори коишто ги имаме со претставниците на европските институции и претставниците на земјите членки, да, клучна тема е како да најдеме решение на овој билатерален спор којшто ѝ пречи на нашата земја. Така да, имало и ќе има разговори, рече тој.
Суштинската разлика е дека за нас она што го бараме, потенцира Муцунски, е јасно разграничување на суштински реформи од билатерални прашања и јасно укажување и на европските институции и на земјите – членки дека треба да се стави крај на барања поврзани со нашиот идентитет, историја, јазик и култура бидејќи од Бугарија сè уште ни се презентираат такви форми на барања коишто се поврзани со нашите евроинтеграциски процеси.
– Јас се согласувам дека е многу значајно да ги убедиме сите, но дури постои таа препрека од Бугарија, дури Бугарија не покаже желба јасно да даде поддршка на нашиот европски пат преку европски вредности, ние имаме проблем којшто стои нерешен – дециден е Муцунски.
Одговарајќи на прашање поврзано со довербата на граѓаните во системот и денешниот случај со информациите за бактерија во водата во Скопје, министерот рече дека опозициската СДСМ наметнала „теза дека водата во главниот град е бактериолошки загадена“. Муцуски рече дека според она што му е познато Министерството за внатрешни работи има повикано повеќе лица на информативен разговор во врска со дезинформациите за водата во Скопје.
– Ова е една многу опасна траекторија по којашто се движи нашата главна опозициска партија во државата. Јас потполно се согласувам со вас: 7 години го уништуваа системот за граѓаните да немаат доверба во него. Кога се обидуваме да го изградиме системот на стабилен начин, преку лажни вести и дезинформации шират паника. Јас се согласувам со вас: ова што се случи денес е на ниво некој да влезе и да каже дека во најголемиот трговски центар има бомби. Но, можеби и поопасно — се шири масовна паника. Како што сум информиран, Министерството за внатрешни работи има повикано повеќе лица на информативен разговор. И според мене, мора да има одговорност за ова што се случило! Не може туку-така вие да споделувате таков тип на информации и да ширите масовна хистерија и паника кај нашите граѓани – рече Муцунски.