НАД 50.000 ПАЦИЕНТИ ЌЕ ИМАВМЕ НА КЛИНИКА АКО ВОДАТА ВО СКОПЈЕ БЕШЕ ЗАГАДЕНА Професорот Чибишев жестоко ги демантира дезинформациите
Токсикологот и професор на Медицинскиот факултет реагираше на информациите што вчера предизвикаа паника кај дел од граѓаните.
Токсикологот и професор на Медицинскиот факултет при УКИМ, д-р Андон Чибишев, реагираше на вчерашната паника околу исправноста на водата за пиење во Скопје, откако на социјалните мрежи се ширеа информации дека водата е загадена со бактеријата „Escherichia coli“.
Чибишев вели дека не го разбира мотивот за ширење, како што наведува, дезинформации дека водата што ја користат граѓаните на Скопје е загадена.
– Не го разбирам мотивот и потребата да се шират (дез)информации дека водата за пиење која ја користат граѓаните на Скопје е загадена со бактеријата „Escherichia coli“. Не знам дали тие болни умови знаат што значи таквото загадување – наведува Чибишев во објава на својот Фејсбук-профил.
Тој посочува дека, доколку водата во Скопје навистина била загадена со ешерихија коли, последиците би биле сериозни.
– Иако бактеријата „Escherichia coli“ кај сите и во сите случаи не предизвикува симптоми и болест, доволно е само 10 проценти од жителите на Скопје да развијат слика на воспаление на цревата, па тоа ќе значи дека за ден-два ќе има над 50.000 пациенти – пишува Чибишев.
Според него, таквата состојба би претставувала сериозен проблем за државата и би можела да доведе до преоптоварување, односно колапс на здравствениот систем.
Чибишев во објавата бара надлежните институции да реагираат и да ги откријат лицата кои стојат зад ширењето на, како што ја нарекува, „гнасната лага“.
– МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и промоторите на оваа гнасна лага која внесе недоверба и страв кај граѓаните на Скопје. Без милост, без селективност. Господ напомош! – пишува Чибишев.