📷 30.000 ГРАЃАНИ ВО АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА СКОПЈЕ Се чистеше на 50 локации
Благодарам на секој што одвои време, се приклучи и остави свој белег во оваа акција. Секој ваш труд се гледа, порача градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Повеќе од 30.000 вредни луѓе повторно се обединија во најмасовната акција за расчистување на Скопје, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„На повеќе од 50 локации покажавме колкава сила има еден град кога неговите луѓе ќе се здружат за заедничкото добро! Денес бев на Водно, рамо до рамо со вредните ученици. Со секое подигнато парче отпад, овие деца одржаа голема лекција за одговорност, за совест и за љубов кон својот град“ – напиша Ѓорѓиевски на својот профил на Фејсбук.
Градоначалникот нагласи дека нивниот пример заслужува и почит и следбеници, а до оние што несовесно создаваат депонии порача да ги погледнат овие деца и да земат пример од нив.
„Покажете дека го сакате Скопје со тоа што ќе го чувате. Наша должност е да им оставиме почист град. Благодарам на секој што одвои време, се приклучи и остави свој белег во оваа акција. Секој ваш труд се гледа“, порача Ѓорѓиевски.