АЛТА БАНКА Е ЗДРАВА И СТАБИЛНА, СЕ БАРА НОВ СОПСТВЕНИК Гувернерот откри дека капитализираноста на банката е 26%

Гувернерот Славески соопшти дека капитализираноста на банката е речиси 26 проценти, а лошите пласмани учествуваат со само 2,9 проценти. Администрацијата била воведена поради случувањата со сопственикот во Србија.

0

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески пред Комисијата за финансирање и буџет рече дека состојбата во Алта банка АД Битола и нејзиниот биланс се здрави и солидни. Капитализираноста на банката е речиси 26 %, значајно повеќе од законскиот минимум од 8 % и значајно над стапката што би барала отворање стечај, тоа е под 2 %.

– Ликвидноста на банката е висока. Квалитетот на кредитното портфолио е добар со учество на таканаречените лоши пласмани од само 2,9 %. Мерката администрација треба да обезбеди задржување на оваа здрава позиција преку заштита на билансот и привремено управување од страна на Централната банка сè до наоѓање нов сопственик, на што Народната банка активно работи – рече Славески.






На надзорната расправа, каде што, по премиерот Христијан Мицкоски, беше втор сведок, Славески напомена дека поради случувањата во Србија, на 1 ноември, во согласност со законските овластувања, извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за воведување на мерката администрација во Алта банка АД Битола.

– Оваа одлука беше изнудена, односно на никаков начин не е поврзана со тековната финансиска состојба и работењето на домашната банка. Одземањето на дозволата за работа на Алта банка – Белград од страна на надлежниот регулатор ноќта помеѓу 30 и 31 октомври 2026 година автоматски значеше дека сопственикот на нашата домашна банка повеќе не може да ја испорачува обврската што ја има. Затоа уште следниот ден донесевме решение за одземање на согласноста на Алта банка – Белград за стекнување акции во битолската Алта банка и, секако, одземено е правото на глас – информира Славески.

Тој потсети дека пред една година Алта банка – Битола го носеше името Стопанска банка АД Битола.

– Банката имаше раситнета и специфична сопственичка структура. Со оглед на тоа, беше под строг супервизорски надзор во одредени периоди. Токму поради неадекватното корпоративно управување, оваа банка беше изложена на сериозни ризици. Дополнително, и поддршката на работењето на банката од страна на единствениот акционер со квалификувано учество од финансиски и оперативен аспект беше практично исклучена. По ваквите околности, јасно е дека единствено решение за овој ризик е влез на стратегиски инвеститор, пред сè финансиска институција што ќе обезбеди подобро управување и оперативно преструктуирање. Во овој дух Народната банка издаде претходна согласност на една голема и стабилна домашна банка за стекнување со акции во тогашната Стопанска банка АД Битола – нагласи гувернерот.

Тој треба да одговори на прашањата што му ги поставија пратениците Сања Лукаревска, Ели Панова, Сашко Јанчев, Фериде Хаџиу и Павле Арсоски.

Поврзани содржини