СО ОДЛУКА НА ВЛАДАТА НА СДСМ ВО 2023 БИЛ ДОЗВОЛЕН ВЛЕЗ НА АЛТА БАНКА БЕЛГРАД ВО МАКЕДОНИЈА Тогашниот министер Бесими побарал да се влезе во деловни односи со Давор Мацура
Постои официјална одлука објавена во Службен весник број 123 од 2023 година, со која тогашната влада предводена од СДС, дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола, денешна Алта банка, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.
На владина седница одржана на 24.10.2023, кога премиер бил Димитар Ковачевски од СДСМ, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегол со информација во која што бара од Владата да му одобри на државното правобранителство да влезе во деловни односи со АЛТА банка Србија, откри премиерот Христијан Мицкоски во денешната Надзорна расправа „Причини за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“ што се одржува во Собранието.
– На самата седница на Владата тогаш се отвора темата за АЛТА банка Белград. Односно, тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими излегува со информација во која што бара од Владата да му одобри на државното правобранителство да влезе во деловни односи со АЛТА банка Србија. Уште во 2023 Владата на СДСМ и ДУИ му дава насока на правобранителството да влезе во деловни односи со истиот овој сопственик Давор Мацура. Па тука се поставува прашањето дали тогаш тие знаеле кој е или кога се одлучиле акциите кои ги поседува државата во банката која ја купува Мацура да му ги продаде имале претстава исто така дека тоа е руски капитал, прљави пари, криминално стекнати пари (како што велат сега) или тогаш тоа не важело – рече премиерот цитирајќи нацрт записник од наведената седница на Владата.
На таа владина седница, посочи Мицкоски, била присутна половина пратеничка група на СДСМ, во својство на членови на Влада.
– Деновиве континуирано се обидуваат одредени политички структури во државата да шират хистерија, се разбира, на лажна основа, против мене и против тоа што се случи со купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на АЛТА банка Србија. Ги разбирам одредени политички партии кои се обидуваат да катализираат, да филтрираат, да контролираат бизнис процеси во државата. Тоа е една политичка структура која што тоа го има длабоко во својот карактер и начин на политичко функционирање. Но оваа Влада апсолутно така не функционира, секој оној кој ќе ги исполни условите, законите, може слободно да води бизнис во Македонија. Тоа е таа пазарна економија, тоа е таа демократија која оваа Влада ја застапува и тоа се тие демократски вредности позади кои што ние како Влада стоиме. Тие времиња на едноумие, на селектирање, на фамилијарни и семејни бизнис профили е поминато, поразено неколку пати на избори и убеден сум дека тоа нема да ѝ се повтори на Македонија – рече Мицкоски одговарајќи на прашања од пратениците.
Претходно, пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ постави прашање до Мицкоски за оваа согласност за продажба на акции од тогашната Стопанска банка АД Битола.
– Постои официјална одлука објавена во Службен весник број 123 од 2023 година, со која тогашната влада предводена од СДС, дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола, денешна Алта банка. Што точно открива одлуката за постапувањето на претходната влада, дали била реализирана продажба врз нејзина основа и по што се разликува од одлуките на сегашната влада во 2026 година – праша Стојаноски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека влегува во процес во којшто ќе се најде решение и ќе се спасат најпрво оние вработени кои се во самата банка, а потоа и оние доверители кои се наоѓаат таму, при што додаде дека банката е ликвидна и Народната банка навремено реагираше.
– Како претседател на влада и државотворна влада, државотворен политичар се разбира, сè ќе сторам за да најдам решение за проблем кој се случува во државата и нема да го игнорирам тој проблем. Стојам на ставот не само јас, претпоставувам и сведоците кои следат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем во рамките на функционирањето на оваа банка ја одржал таква каква што е. Механизмите кои ги имаат на располагање во Народна банка навремено интервенираа, според сите познавачи кои ги консултирав сите тие велат дека апсолутно навреме е постапено, по книга е постапено сè со цел да се спаси ова финансиска институција – нагласи премиерот Мицкоски.
Комисијата за финансирање и буџет ја почна надзорната расправа за Алта банка, на која треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.
На седницата се поканети сведоци, овластени претставници и експерти од областа, членовите на Комисијата, нивните заменици и други пратеници, претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпретседателите на Собранието, Антонио Милошоски, Весна Бендевска и Јован Митрески, координаторите на пратеничките групи, гости на Комисијата за финансирање и буџет, како и претставнии од НДИ во Скопје.
Прв поканет сведок е премиерот Христијан Мицкоски, кој има пет минути да се обрати пред Комисијата. На седницата биле поканети и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, вицегувернерката Арлинда Хасани Инани и Фросина Целеска, директор на Дикрекцијата за банкарска регулатива, но поради неодложни ангажмани, тие се спречени да дојдат и да се обратат, а своето отсуство уредно го пријавиле. Според Лукаревска, нивните искази ќе бидат дополнително закажани.
Во согласност со агендата на надзорната расправа, по Мицкоски, треба да зборуваат гувернерот Трајко Славески, министерката за финансии – Гордана Димитриеска-Кочоска, вицегувернерите Ана Митреска и Игор Величковски, Габриела Јаковлева, директорката на Агенцијата за разузнавање – Габриела Јаковлева, Илија Андовски – привремен администратор на Алта банка, државниот јавен обвинител – Ненад Савески, директорот на Управата за финансиско разузнавање – Кујтим Ибиши и Ели Дракуловска – претседател на Советот на експертите на Агенцијата за супервзија на осигурувањето.