СДСМ НЕМА ДА ЈА ПОДДРЖИ ФИСКАЛНАТА СТРАТЕГИЈА 2027-2031 ГОДИНА Јанкуловски возврати дека владите на СДСМ не се репер за остварување економски раст

Заменик министерот за финансии потсети дека владата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедила просечен раст на економијата од 3% во период од шест последователни квартали.

15

Пратеничката група на СДСМ нема да ја поддржи фискалната стратегија 2027 – 2031, соопшти пратеникот на оваа партија Фатмир Битиќи во рамки на општиот претрес на пленарна седница на Собранието.

СДСМ, како што рече тој, оценува дека Стратегијата наместо да се потпира на структурни промени, таа се  базира на претпоставка дека БДП ќе расте побрзо од задолжувањето и не нуди одговор на прашањето – како ќе се амортизираат идните ценовни шокови.






Спротивно на ова заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, потсети дека во време на  оваа влада обезбеден е раст на економијата во просек од 3% и тоа  шест квартали по ред.

Според Битиќи, предложената стратегијата го нормализира отстапувањето на Владата од Законот за буџети, кој треба да ја ограничи политичката самоволност во трошењето на јавните пари.

– Се соочуваме со институционализирање на дефицитот како нормална состојба. Според најновите податоци од фискалниот бројач, заклучно со 21 мај, приходите изнесуваат 135,4 милијарди денари, односно 36,12% од планот, додека расходите изнесуваат 165,6 милијарди денари, односно 39,98% од планот. Разликата меѓу приходите и расходите веќе изнесува 30,2 милијарди денари. Ако годишно планираниот дефицит е 39 милијарди денари, тогаш до 21 мај се реализирани речиси 77 % од годишниот буџетски дефицит. Со овие бројки стратегијата не нуди решенија за фискалниот ризик. Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола и се обидува да ја релативизира фискалната реалност – рече Битиќи.

Тој додаде дека во регионален контекст, Македонија е веќе меѓу позадолжените економии, а стратегијата не покажува движење кон суштинско раздолжување.

– Стратегијата не зборува никаде како ЈПДП преговара за нов долг од 300 милиони евра со домашните комерцијални банки иако јавноста ќе го дознае тоа наскоро. Македонија заслужува фискална стратегија што ќе ја гради иднината, а не што ќе ја задолжува. Од економски, политички и вредносни причини нема да ја поддржиме – рече Битиќи.

Тој додаде и дека според фискалната стратегија за 2026 година, врз основа на постоечките буџетски проекции, се предвидуваат приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди денари и буџетски дефицит од 39,2 милијарди денари, односно 3,5% од БДП.

–  Законот за буџети поставува фискално правило според кое буџетскиот дефицит треба да биде ограничен на 3% од бруто домашниот производ, но актуелниот буџет веќе предвидува дефицит од 3,5% од БДП, а истото ниво се проектира за 2027 година. Со други зборови, стратегијата ја коригира фискалната недисциплина на оваа влада, сама ја потврдува и се обидува да ја легитимира – рече Битиќи.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, посочи дека фискалната стратегија е резултат на одговорното, домаќинско и чесно работење на Владата, а ја изготвиле најкомпетентните луѓе од сферата на економијата и финансиите.

– Кој пример сте вие да и кажувате на оваа Влада што обезбедува шест квартали по ред економски раст во просек од 3% кога од 2017 година до втор квартал од 2024 двојно го зголемивте јавниот долг со просечен раст од 1,9%? Што обезбедивте вие со двојното зголемување на јавниот долг за граѓаните? Додека бевте на власт на терен беше нула, а сега поминете, видете како е – патишта, железница, реконструкција на студентски домови, училишта,… Оваа Влада  е максимално посветена на капиталните инвестиции и не наплаќа глупости како солидарен данок, сега го враќаме за некои грешки што сте ги правеле во минатото. Имаме конкретни бројки на кои се гордееме, а тежнееме кон уште поголем економски раст, и на БДП и на животниот стандард на граѓаните – рече Јанкуловски.

Јанкуловски во обрзложението на документот пред Собранието истакна дека во периодот 2027 – 2031 година, даночната политика ќе се базира на намалување на сивата економија и поголема наплата на средствата во државниот буџет, преку зголемена дигитализација и воспоставување ефикасен даночен систем со цел секој праведно и на праведен начин да ги плаќа своите даночни обврски.

-Политиката на управување со јавен долг ќе биде насочена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите што достасуваат како резултат на задолжувањата од претходните години и за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата- рече тој.

Според Министерството за финансии со усвоената владината фискална стратегија, а преку јасно дефинирани цели, принципи и мерки,  се обезбедува балансиран пристап кон справување со тековните фискални и економски предизвици. При тоа фокусот на фискална консолидација создава солидна основа за зачувување на стабилноста и обезбедување одржлив и инклузивен економски развој.

Оттука на среден рок до 2031 година предивидено е намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП од 3,5% во 2027, на 3% во 2027 и сведување на ниво од 2,8%  во 2029 година. При тоа со утврдените проекции буџетскиот дефицит од 2028 година е целосно усогласен со европските стандарди за фискална дисциплина, што е јасен сигнал за зачувување на стабилноста и кредибилитетот на јавните финансии.

Во периодот 2027-2031 година економскиот раст се очекува постепено да се динамизира и економската активност да забележи просечен раст од 4%.

Главни двигатели се очекува да бидат реализацијата на стратешки инвестиции во инфраструктурата и енергетиката, финансиска поддршка на инвестициската активност на домашните производни компании за зголемување на иновативноста, конкурентноста и продуктивноста, реформи во деловното окружување и даночната политика, и раст на извозот, реформите во образованието и прилагодувањето на потребите на пазарот на труд, борбата против корупција, сивата економија и нелојалната конкуренција, дигитализацијата на процесите во обезбедувањето на јавните услуги за граѓаните и компаниите, се очекува позитивно да влијаат врз потенцијалот за раст.

Исто така придонес кон потенцијалот за раст се очекува и од активностите за привлекување на странски директни инвестиции и проширувањето на капацитетите на постоечките. Поддршка на еконмската активност се очекува и од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. При тоа согласно Фискалната стратегија една од клучните претпостави за остварување на повисоки стапки на раст е нормализација на глобалното окружување, стабилизирање на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите главни трговски партнери.

Клучен инструмент на фискалната политика и носител на економскиот раст ќе бидат капиталните расходи  со цел обезбедување долгорочни економски придобивки преку зголемување на јавниот капитал во патна и железничка инфраструктура, енергетски капацитети, водоводни и канализациони системи, дигитална и образовна/социјална инфраструктура. Исто така предвидените капитални вложувања ја зголемуваат продуктивноста и ја подобруваат конкурентноста на економијата

По завршувањето на општата расправа за фискалната стратегија, пратениците ја почнаа расправата по Предлог-законот за задолжување со заем од 260 милиони евра.

 

Поврзани содржини