ЕВРОТО ПОРАСНА ВО ОДНОС НА ДОЛАРОТ Што значи тоа за македонскиот увоз, извоз и за девизните резерви?
Слабеењето на американскиот долар во однос на денарот би имало ограничен директен ефект врз македонската економија, имајќи предвид дека изложеноста на доларот е релативно мала.
Падот на вредноста на доларот во однос на еврото на најниско ниво во последните два месеца не влијае директно на девизниот курс на денарот девизните и златните резерви, но може да влијае на увозниците, извозниците, цените на енергијата и во однос на дополнителните трошоци за задолжување.
Ова за Плусинфо го тврдат од Народна банка од каде што додаваат дека промените кај вредноста на доларот речиси и не се чувствуваат, бидејќи поголемиот дел од економската активност се одвива во евра со исклучоци на увоз на стоки потребни за компаниите кои се плаќаат во долари и извоз кој се пресметува во долари. Но големата слика е дека влијанието на падот на вредноста на доларот е незначително во сите сегменти.
Доларот доживува најголем пад во однос на европската валута
Индексот на доларот, кој ја мери неговата вредност во однос на кошница од шест водечки светски валути, се спушти под 99 поени.
Според податоците од валутниот пазар, еврото денеска вреди околу 1,167 долари. Во текот на последните 7 дена, еврото во однос на доларот се движеше помеѓу 1,1573 и 1,1688. Просекот беше 1,1643 долари, додека во текот на последните 30 дена, EUR во однос на USD се движеше помеѓу 1,1369 и 1,1688. Просекот беше 1,1539 долари.
Најважно за Македонија е односот на денарот кон двете светски валути
Македонија има фиксен курс на денарот кон еврото, но ја следи политиката на Европската централна банка во однос на каматите. Но, како и секоја централна банка ги следи и одлуките на Американската федерална резерва, не само поради глобалните финансиски трендови, туку и поради портфолио инвестициите што доаѓаат во Македонија.
Денеска, според средниот курс на Народна банка, 1 евро чини 61,49 денари, а 1 долар чини 52,72 денари.
Од Народна банка велат дека слабеењето на американскиот долар во однос на денарот би имало ограничен директен ефект врз македонската економија, имајќи предвид дека изложеноста на доларот е релативно мала.
– За домашните извозници коишто го наплаќаат својот извоз во американски долари, послабиот американски долар би значел пониска денарска противвредност на остварените приходи. Од друга страна, позитивен ефект би имале увозниците коишто увозот го плаќаат во долари, бидејќи за истата вредност на увезената стока би платиле помалку денари. Сличен позитивен ефект би имале и економските субјекти со обврски по основ на надворешен долг во долари, бидејќи се намалува денарската противвредност на долгот и неговата отплата – објаснуваат од Народна банка.
Сепак, додаваат оттаму значењето на овие ефекти за македонската економија е ограничено.
– Според последните расположливи податоци за трговската размена со странство според фактурирана валута, во 2024 година (податоци на Државна статистика), само 5,5% од вкупниот извоз е фактуриран (извезен) во американски долари, додека учеството на увезените добра во долари изнесува 9,3% од вкупниот увоз на стоки. Дополнително, во 2025 година, делот од бруто надворешниот долг (податоци на НБРМ) во долари изнесува 7,1% и целосно е на приватниот сектор – 5,5% се однесуваат на останатите сектори во економијата (корпоративниот сектор), додека останатите 1,6% се меѓукомпаниски долг. Резимирано, директните ефекти од падот на доларот во однос на домашната валута врз надворешнотрговската размена и надворешниот долг би биле мали и ограничени – велат од НБ.
Како ослабениот долар влијае врз девизните и златните резерви?
Според Народна банка, намалувањето на вредноста на мериканскиот долар има незначително влијание од аспект на вреднување на делот од девизните резерви деноминиран во оваа валута.
– Во согласност со примената на монетарната стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс, еврото има доминантно учество во девизните резерви. Оттука, намалувањето на вредноста на доларот има незначително влијание од аспект на вреднување на делот од девизните резерви деноминиран во оваа валута. Од друга страна, цената на златото, којашто најчесто се изразува во долари вообичаено се движи во спротивна насока од доларот, односно цената на златото има тенденција да расте во услови кога вредноста на американската валута се намалува, или депрецира. Токму поради оваа негативна врска помеѓу цената на златото и вредноста на доларот, вообичаено ограничени се влијанијата од намалувањето на вредноста на доларот врз вреднувањето на девизните резерви и тие на нето-основа се најчесто позитивни со оглед дека произлегуваат од доминантниот придонес на повисоката пазарна цена на златото – велат од Народна банка.
Блискиот Исток ја комплицира ситуацијата
На глобално ниво инвеститорите промената на вредноста на доларот и еврото, очекуваат да го видат на одлуките за каматните стапки на централните банки на САД и на ЕУ. Покрај различните очекувања за дејствувањето на ЕЦБ и ФЕД, односот помеѓу еврото и доларот е силно под влијание на геополитичките тензии, првенствено поради настаните на Блискиот Исток.
Ескалацијата на конфликтот ги зголемува очекувањата за порастот на цените на нафтата и инфлацијата, како во САД, така и во Еврозоната. Ова потоа влијае на одлуките на централните банки и однесувањето на инвеститорите на валутните пазари.
Според очекувањата на пазарите, Европската централна банка би можела да ја зголеми референтната каматна стапка уште еднаш до крајот на годината. Федералните резерви засега се спротивставуваат на понатамошните зголемувања, иако нејзината референтна стапка е веќе повисока од онаа на ЕЦБ.
Народна банка во тој однос води претпазлива политика која во изминатиот период најчесто ги имала предвид и одлуките на ЕЦБ.
Зголемена неизвесност укажува и растот на приносите на долгорочните државни обврзници на големите економии што влијае и на трошоците на нивите задолжувања. Засега инвеститорите очекуваат дека периодот на повисоки каматни стапки и глобална неизвесност би можел да трае подолго од претходно предвиденото.
Дали ќе има промени кај кредитите во евра и во долари?
Од Народна банка смируваат дека промените во односот евро – долар и новите одлуки на ЕЦБ и ФЕД ќе имаат незначително влијание на кредитите во долари, но речиси никакво влијание на кредитите земени во евра.
– Материјализацијата на ефектот од промената на девизниот курс на денарот во однос на американскиот долар би била незначителна поради тоа што кредитите кон нефинансискиот сектор (претпријатија и домаќинства) со доларска компонента (во долари или во денари со доларска клаузула) учествуваат со само 0,2% во вкупните кредити со валутна компонента. Притоа, намалената вредност на доларот во однос на денарот ги става должниците во поповолна положба затоа што нивниот долг изразен во денари е намален. Во однос на кредитите со евро-компонента, коишто имаат преовладувачко учество во вкупните кредити со валутна компонента (од преку 99%), ваквите промени се ограничени поради тоа што Народната банка води политика на одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото – велат од Народна банка.