МАКЕДОНИЈА ДОБИ ЕВРОПСКИ МЕДАЛ ВО БОКС Арабел Рустемовски освои бронза во Будва
Младиот репрезентативец во категоријата до 60 килограми загуби од Англичанецот Чарли Кит со судиска одлука од 4:1. Претходно забележа две победи, против противници од Белорусија и од Италија.
Македонскиот боксер Арабел Рустемовски освои бронзен медал на Европското првенство за боксери до 17 години во Будва, Црна Гора, откако денеска беше поразен во полуфиналето во категоријата до 60 килограми.
Рустемовски не успеа да се пласира во финалето, откако англискиот боксер Чарли Кит славеше со судиска одлука од 4:1.
И покрај поразот, македонскиот репрезентативец го заврши настапот со европски медал, откако претходно оствари две победи.
На стартот од првенството Рустемовски убедливо го совлада Белорусинот Јарослау Слијапец со едногласна одлука на судиите од 5:0.
Во четвртфиналето следуваше потежок предизвик против Италијанецот Цезаре Спацијани, кого македонскиот боксер го победи со 4:1 и го обезбеди пласманот меѓу четворицата најдобри во својата категорија.
Со влезот во полуфиналето, Рустемовски веќе имаше обезбедено најмалку бронзен медал, а борбата против Кит беше можност да се избори за европско злато.
На Европското првенство во Будва Македонија имаше уште тројца претставници: Леона Фетај во категоријата до 66 килограми, Илир Селмани до 52 килограми и Иса Бајрам до 57 килограми.