НОВА ГРАЃАНСКА ОБВРЗНИЦА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА Димитриеска-Кочоска објасни зошто се кратат капиталните расходи

Министерката се осврна и на намалувањето на капиталните расходи кај одредени институции, објаснувајќи дека парите се пренаменуваат кога поради доцнење на проектите или неуспешни тендери е јасно дека нема да можат да се потрошат до крајот на годината.

113

Државата до крајот на годинава главно ќе ги обезбедува потребните пари на домашниот финансиски пазар, преку државни хартии од вредност и рефинансирање на доспеаните долгови, а во подготовка е и нова граѓанска обврзница, најави министертката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ „Сител“.

Граѓанската обврзница им овозможува на граѓаните да ѝ позајмат пари на државата за определен период, а за возврат да добијат камата. По истекот на рокот, државата треба да им ја врати вложената сума. На овој начин Владата обезбедува средства директно од граѓаните, наместо да се задолжува само кај банките и другите инвеститори.






Истовремено, дел од средствата за капитални инвестиции се пренаменуваат поради неуспешни тендери и доцнење на проектите, информираше министерката, додека Владата ги разгледува опциите за ново задолжување во странство во 2027 година.

За новата граѓанска обврзница засега не беа соопштени износот што државата планира да го прибере, каматната стапка и рокот на достасување.

Министерката се осврна и на намалувањето на капиталните расходи кај одредени институции, објаснувајќи дека средствата се пренаменуваат преку механизмот КАПЕФ, кога е извесно дека проектите нема да можат да се реализираат во предвидениот рок.

Како конкретен пример го посочи неуспешниот тендер во Управата за извршување санкции, за кој биле предвидени повеќе од 200 милиони денари.

– Не станува збор за тоа дека некои проекти скроз сме ги прекинале, туку можеби од одредени институции, таму каде што, на пример, не се готови тендерите или, на пример, во Управата за извршување санкции имаме тендер којшто беше неуспешен, а имаше прилично средства – повеќе од 200 милиони денари предвидени за таа намена – истакна Димитриеска-Кочоска.

Според неа, бидејќи тендерската постапка ќе мора да се повтори, предвидените пари објективно не можат да се потрошат до крајот на годината.

– Повеќе од очигледно е дека до крајот на годината не можат да се реализираат, бидејќи допрва ќе треба да се повтори тендерот – рече министерката.

Слични проблеми со динамиката на реализација има и кај одредени проекти во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека проектите за кои веќе се потпишани договори продолжуваат да се реализираат и дека пренамената се однесува на средства што не можат да бидат искористени во тековната буџетска година.

Зборувајќи за состојбата на меѓународните финансиски пазари, министерката предупреди на големата неизвесност, растот на глобалниот јавен долг и притисоците поврзани со цените на енергенсите.

Таа оцени дека досегашните владини интервенции во даноците и акцизите помогнале да се спречи прелевање на ценовните шокови врз другите сектори.

– Не можеме да зборуваме за простор во буџетот и огромни бафери за да можеме да се справиме не знам како, но секогаш носиме одлуки врз база на тоа како нашите одлуки денес ќе влијаат во иднина – изјави Димитриеска-Кочоска.

Министерката смета дека граѓаните треба да бидат свесни за неизвесноста во светската економија и да штедат, додека Владата внимателно го следи движењето на цените и состојбите на меѓународните пазари.

– Ние не дозволивме ценовниот шок да се прелее во другите сектори, заради тоа ние денес имаме една од најниските инфлации – рече таа.

Во однос на задолжувањето во странство, Димитриеска-Кочоска потврди дека државата ќе мора да издаде нова еврообврзница за да обезбеди средства за сервисирање на обврската од 2023 година.

Таа објасни дека издавањето еврообврзница на крајот од годината може да биде понеповолно поради зголемената побарувачка за пари на меѓународните финансиски пазари.

Затоа се разгледуваат повеќе можности за задолжувањето во 2027 година, меѓу кои и поделба на планираниот износ на две одделни емисии.

– Факт е дека мора да издадеме еден дел обврзница за да може да ја сервисираме обврзницата којашто беше издадена во 2023 година и којашто беше со каматна стапка повисока од 6 отсто – нагласи министерката.

Подготовките за буџетот за следната година, според неа, се одвиваат во рамките на параметрите утврдени со фискалната стратегија.

Во наредниот период се предвидени координативни состаноци со владините ресори за усогласување на нивните финансиски потреби и приоритети.

Меѓу секторите на кои ќе им биде посветено посебно внимание се здравството и Фондот за здравствено осигурување.

Поврзани содржини