ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА МОЛДАВИЈА ПОСАКУВА ОБЕДИНУВАЊЕ СО РОМАНИЈА Мнозинството Молдавци се за влез во ЕУ, а не за спојување
Верувам дека Молдавија би имала поголема безбедност заедно со Романија. Оваа дискусија се води од првиот ден на независноста, рече претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, на маргините на вчерашниот Молдавски безбедносен форум во Кишињев, изјави дека го поддржува обединувањето со Романија и верува дека таквото сценарио би ѝ обезбедило на нејзината земја повисоко ниво на безбедност.
– Верувам дека Молдавија би имала поголема безбедност заедно со Романија. Оваа дискусија се води од првиот ден на независноста – истакна Санду.
Таа додаде дека обединувањето е можно само ако постои волја кај мнозинството.
Санду посочи дека според анкетите мнозинството граѓани не се за обединување со Романија, туку ја поддржуваат интеграцијата со Европската Унија.
Според неа, Романија отсекогаш ѝ помагала на Молдавија и има важни заеднички проекти во енергетскиот сектор и во други области.
– Романија е увозник број еден на стоки од Молдавија и е наш главен економски партнер. Затоа, сè што се случува во Романија влијае и на нас – нагласи Санду.
На почетокот на годината, Санду изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку се одржи референдум за ова прашање.