РУСКИ НАПАДИ БЕЗ ПРЕКИН Илјадници дронови и стотици бомби врз Украина
Украинскиот претседател предупредува дека масовните напади имаат цел да ја преоптоварат противвоздушната одбрана и повикува на засилен меѓународен притисок врз Москва.
Русија во текот на изминатата седмица лансирала околу 1.600 борбени дронови кон Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој на социјалната мрежа X наведе дека во истиот период врз Украина биле употребени и речиси 1.100 авионски бомби со наведување, како и три ракети.
Зеленски посочи дека тоа е значително помалку во споредба со претходниот седумдневен период, пренесува „Украинска правда“.
– Русите се обидуваат да ја преоптоварат нашата противвоздушна одбрана со масовни напади, поради што секојдневното снабдување со ракети-пресретнувачи е од клучна важност. Еднакво е важно притисокот врз агресорот да не ослабне, бидејќи секое ублажување на санкциите само го полни рускиот воен буџет, кој потоа се користи за војната – наведе Зеленски.
Тој го коментираше и денешниот руски напад врз автобус во Херсон, опишувајќи го како „брутален ‘сафари’ лов на луѓе“ во областите во близина на линијата на фронтот.