РУСИЈА И САД РАЗГОВАРААТ ЗА ЗАЕДНИЧКИ ДАТА ЦЕНТРИ НА НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА, ЗА ПРОЕКТИ НА АРКТИКОТ… Дмитриев најави неколку значајни иницијативи меѓу Москва и Вашингтон

Кирил Дмитриев, специјален претставник на на рускиот претседател Владимир Путин рече дека САД се снабдуваат со ураниум, а има можност за поголеми руски испораки на ѓубрива, алуминиум и ретки земни метали на американскиот пазар.

0

По налог на рускиот претседател Владимир Путин се разгледуваат голем број заеднички економски и инвестициски проекти со САД, а договорот за дизелот е еден од нив, изјави денеска Кирил Дмитриев, специјален претставник на Путин за инвестиции и економска соработка со странски земји.

– Секако, нашата листа на проекти што ги разгледуваме со американската страна вклучува и разни проекти во Арктикот, енергетски проекти, проекти за течен природен гас и за центрите за податоци, вклучително и нивно напојување со електрична енергија од нуклеарни централи – рече Дмитриев, говорејќи на меѓународниот форум „Руска недела на енергија“.






Тој истакна дека САД не само што се снабдуваат со ураниум, туку има можност за поголеми руски испораки на ѓубрива, алуминиум и ретки земни метали на американскиот пазар.

Дмитриев рече дека очекува наскоро да бидат објавени неколку значајни нови иницијативи меѓу Москва и Вашингтон. Тој нагласи дека соработката се развива и пред завршувањето на војната во Украина.

Тој ги критикуваше американските санкции и законот насочен кон ограничување на руските енергетски приходи, потпишан од Доналд Трамп. Според Дмитриев, сложениот систем на санкции го отежнува спроведувањето на договорите, а веќе се разговара за надминување на пречките.

Во врска со договорот за извоз на руски дизел, Дмитриев соопшти дека американското Министерство за финансии побарало од рускиот Фонд за директни инвестиции, со кој раководи, да помогне во решавањето на проблемите со плаќањата.

Дмитриев е еден од клучните руски преговарачи за економските односи со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а учествува и во контактите поврзани со завршувањето на војната во Украина.

Поврзани содржини