РОКОТ ЗА EEС СИСТЕМОТ ИСТЕЧЕ, 9 ЗЕМЈИ НЕ ГИ ЗАОСТРИЈА КОНТРОЛИТЕ Брисел премолчено дозволува флексибилност

По 6 септември требаше да заврши можноста за олеснување на биометриските контроли при голем метеж. Но, девет земји од Шенген не се подготвени за целосна примена поради технички и оперативни проблеми.

0

Рокот истече, но проблемите со новиот европски Систем за влез/излез (ЕЕС) останаа. Од 6 септември заврши периодот на „вонредна флексибилност“, воведен за да се избегне хаос на границите.

Сепак, 9 земји од Шенген нема целосно да ги заострат биометриските проверки. Причините се технички дефекти, недостиг од персонал и опасност од нови гужви.






Станува збор за Франција, Германија, Италија, Белгија и Холандија. На списокот се и Грција, Малта, Португалија и Швајцарија.

Според „Тајмс“, тие го известиле Брисел дека не се подготвени за целосна примена. Европските власти неформално се согласиле со продолжување на олеснувањата, овојпат без јасен рок.

Бараа продолжување во јули, рокот истече

Уште во јули истите 9 земји предупредија дека EES создава сериозни оперативни тешкотии. Тогаш тие побараа продолжување на привремената флексибилност и по 6 септември.

Механизмот дозволуваше привремено суспендирање на дел од биометриските проверки при голем метеж. Притоа, влезот и излезот на патниците и натаму се евидентираа.

Европската комисија тогаш не најавуваше продолжување на рокот. Земјите, пак, бараа писмени гаранции дека механизмот ќе остане достапен.

Сега ситуацијата е поинаква. Шести септември помина, а проблемите поради кои деветте земји бараа дополнително време не се отстранети.

Меѓу границата и централниот систем

EEС треба електронски да ги регистрира патниците од земји надвор од ЕУ. Тоа ги опфаќа и македонските државјани кои патуваат во Шенген.

Системот користи податоци од пасошот и биометриски информации. Тука спаѓаат фотографија на лицето и, кога е применливо, отпечатоци од прсти.

Но, токму технологијата создава дел од проблемите. Националните системи треба да комуницираат со централната инфраструктура управувана од „eu-LISA“.

Во некои случаи податоците се собираат, но не се пренесуваат правилно. На други места службениците не можат да пристапат до веќе создадените досиеја.

Тогаш регистрацијата мора повторно да почне од почеток. Последицата се подолги процедури токму кога низ премините минуваат голем број патници.

„Огромен проблем“

Притисок за поголема флексибилност доаѓаше и од транспортната индустрија. Авиокомпании, аеродроми и пристанишни оператори предупредуваа на застои и нестабилност на системот.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) предупреди на сериозни оперативни последици. Томас Рејнарт од ИАТА посочи на технички дефекти на повеќе аеродроми.

Според информациите што ги пренесува „Тајмс“, притисок имало и од Лондон. Британската влада била загрижена за последиците врз патувањата.

Еврокомесарот Апостолос Цицикостас наводно уште летово ја уверил британската министерка Хајди Александер дека по 6 септември системот нема строго да се спроведува.

За македонските патници тоа значи дека практичната примена може да се разликува меѓу границите. Деветте земји засега не планираат целосна примена додека техничките проблеми не бидат надминати.

НОВИТЕ ГРАНИЧНИ КОНТРОЛИ ПРЕДИЗВИКУВААТ ХАОС Девет земји бараат повеќе време за новите шенгенски проверки

 

Поврзани содржини