📷 ПОЧНА САНАЦИЈАТА, KAМЕНИОТ МОСТ ЌЕ СВЕТИ НОЌЕ Посебен акцент ќе добијат неговите препознатливи сводови
Симболот на Скопје со години имаше оштетено осветлување и на места останаа само кабли од украдените светилки. Сега почна поставувањето архитектонско и декоративно осветлување.
Почна санацијата на осветлувањето на Камениот мост, поради која скопскиот симбол е надвор од функција. Новото решение треба да ги истакне неговите камени сводови и да му ја врати ноќната визура.
Град Скопје информира дека почнале активностите за архитектонско и декоративно осветлување. Интервенцијата треба да биде усогласена со архитектурата и автентичниот изглед на мостот.
Посебно ќе бидат осветлени препознатливите камени сводови кои треба да станат дел од ноќната панорама на Скопје. Намерата е нивната форма да дојде до израз без нарушување на карактерот на објектот.
„Ќе создадеме глетка на која скопјани ќе се гордеат, а посетителите ќе ја понесат како еден од најубавите спомени од Скопје“, напиша градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Осветлувањето на мостот со години беше во лоша состојба. На одредени места останаа само кабли откако светилките биле украдени, поради што делови од мостот навечер остануваа во мрак.
„Овој проект е плод на пријателството и добрата соработка со Општина Есенлер, потврдени преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка“, истакнува градоначалникот изразувајќи благодарност до општината Есенлер и до сите институции и чинители вклучени во проектот.
Новото осветлување треба да создаде поинаква ноќна слика на Камениот мост. Од Градот велат дека интервенцијата нема да ја наруши неговата историска препознатливост.
„Камениот мост е сведок на историјата на Скопје и еден од најзначајните елементи на градскиот идентитет“, се вели во написот.
Мостот е и една од најфреквентните пешачки врски во центарот. Тој ги поврзува плоштадот „Македонија“ и Старата скопска чаршија преку Вардар.