РАЗВЕАЛЕ ЗНАМИЊА ПРЕД МАНАСТИРОТ, СЕ СЛИКАЛЕ И СИ ЗАМИНАЛЕ Партијата на Палчо никогаш не одржала конгрес во Трескавец, тврди владиката Климент
Обвинетиот Боре Видевски тврди дека партијата Десна одржала конгрес во манастирот Трескавец, но Црквата го негира тоа. Според владиката Климент, членовите само се појавиле пред портите, развиориле знамиња и се фотографирале. Ниту побарале дозвола, ниту добиле одобрување за користење на манастирскиот простор.
Во време кога јавноста со внимание ги следи деталите од судењето за монструозните убиства на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, еден детал од сведочењето на третообвинетиот Боре Видевски го сврте вниманието во поинаков правец – кон прилепскиот манастир „Успение на Пресвета Богородица“, познат како Трескавец.
– Еден конгрес на партијата Десна се одржа во селото Бразда, во една црква, а другиот во август во манастирот Трескавец, затоа што никој не сакаше да ни изнајми простор – изјави на суд Видевски.
Оваа негова изјава предизвика силна реакција, особено кај верниците и кај пошироката јавност, бидејќи Трескавец – духовното срце на Прилепско, е манастир со огромна историја и со големо значење за Охридската архиепископија.
Идејата дека токму таму се одржувал политички конгрес звучеше скандалозно. Но, вистината, според црковните достоинственици, е поинаква.
Нашата редакција стапи во контакт со епископ хераклејски г. Климент и игумен на манастирот Трескавец, кој категорично ги демантираше наводите на Видевски.
Според него, политичката партија Десна никогаш не одржала конгрес во рамки на манастирскиот комплекс.
– Согласно информациите од монахот Калист, кој живее во манастирот, тие дошле без претходна најава, пред влезот на манастирот развиориле знамиња, одржале краток собир, се фотографирале и заминале. Ниту побарале дозвола, ниту пак им била издадена било каква согласност за одржување конгрес во манастирскиот комплекс – изјави владиката Климент за Плусинфо.
Овој случај отвора сериозни прашања – не само за злоупотребата на верските објекти во политички цели, туку и за обидите на некои актери да ги вмешаат духовните институции во своите наративи, особено во чувствителни судски постапки.