РАЗЛИЧНИТЕ ИСКАЗИ ГО ИЗДАЛЕ МАКЕДОНЕЦОТ ОСОМНИЧЕН ЗА УБИСТВО НА КРИТ „Ја видов Ставрула само неколку минути“
Осомничениот македонски државјанин за убиството на Ставрула Левентаки на Крит дал различни верзии за последната средба со жената. Прво тврдел дека по средбата со Ставрула Левентаки не излегол од дома. Два дена подоцна кажал дека вечерта сепак го возел синото комбе, а истражителите веќе имале фотографии од неговите движења.
Датумот на последната средба со Ставрула Левентаки станал една од првите пукнатини во приказната на македонскиот државјанин осомничен за убиството на 45-годишната жена на Крит.
Две верзии, две приказни
Според Прототема, 43-годишниот Миско Л. првично им рекол на инспекторите дека Ставрула дошла во неговиот дом на 29 мај, носејќи кеси и неколку јајца.
– Ја видов на денот кога исчезна. Дојде околу 16:45 часот и остана две до три минути – изјавил тој во првиот исказ.
Но, истражителите подоцна утврдиле дека видеоснимка ја прикажува Ставрула како оди кон неговиот дом на 30 мај, а не ден претходно.
Тогаш следувала нова верзија на приказната.
Осомничениот потоа рекол дека всушност средбата се случила на 30 мај и опишал како таа телефонски побарала да ѝ однесе јајца во семејната куќа.
Според грчките медиуми, дополнителни сомнежи предизвикале и фотографиите од истрагата на кои неговото сино комбе е забележано во областа Мурниес на денот кога жената исчезнала.
Истражителите откриле уште една важна противречност. Во првиот исказ Македонецот тврдел дека по средбата со Ставрула останал дома до крајот на денот и не излегол никаде. Два дена подоцна, пак, рекол дека вечерта сепак го зел синото комбе и заминал до местото каде што ги чувал кокошките.
Токму ваквите разлики во неговите искази, заедно со видеоснимките и сведочењата, дополнително ги зајакнале сомнежите на грчката полиција.
Сопругата тврди дека е невин
Во меѓувреме, сопругата на осомничениот останува на ставот дека нејзиниот сопруг нема врска со злосторството.
– Сигурна сум дека е невин. Го поддржувам и тоа до смрт – изјави таа за телевизијата „Мега“.
Таа додаде дека Ставрула Левентаки била „чудна жена“ и оцени дека станува збор за заговор против нејзиниот сопруг.
Го признал чинот
Случајот со недели ја бранува грчката јавност. Македонскиот државјанин живеел како потстанар во имотот на Ставрула Левентаки и првично негирал поврзаност со нејзиното исчезнување.
Според досегашните информации од истрагата, подоцна признал дека ја убил 45-годишната жена, а нејзиното тело било пронајдено закопано во нива недалеку од Ханија. Според првичните наоди, таа имала повреди во пределот на градниот кош и удар во главата нанесен со тврд предмет.