„ПУЛС“ РАБОТЕЛ СО НЕЦЕЛОСНИ ДОЗВОЛИ Министерството за економија делело лиценци иако недостасувале документи
Како што истакна јавниот обвинител Коцевски во интервју за Телма телевизија, Министерството за економија, кое што е надлежно за издавање на лиценци за работа, требало да ја цени сета документација која што е неопходна за да биде издадена лиценцата за работа, бидејќи, како што рече, во конкретниот случај министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација.
Тимот на јавни обвинители којшто ја води истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ги прибавил сите издадени лиценци за работа на објектот од 2012 година сѐ до денот на кривично-правниот настан и според увидот во предметите немало ниту една со целосна документација, посочи вечерва државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Како што истакна Коцевски во интервју за Телма телевизија, Министерството за економија, кое што е надлежно за издавање на лиценци за работа, требало да ја цени сета документација која што е неопходна за да биде издадена лиценцата за работа, бидејќи, како што рече, во конкретниот случај министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација.
– Сите лиценци, иако се издавани, немале потполна законска документација. Министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација. Од Дирекцијата за заштита и спасување немало елаборати и правилна документација на која би можел министерот да издаде лиценца. Тука се надоврзува градежништво, документи од локалната самоуправа и тн. Сите потребни документи за издавање на лиценца министерот требало да ги цени и да издаде лиценца. Од увидот во предметите за издавање на лиценца, јавните обвинители увидоа дека во сите предмети нема потполна и законита документација – рече Коцевски.
За актуелниот министер за економија, појасни дека не е опфатен во истрагата, бидејќи немало ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за издавање нова лиценца.
– Министерот за економија е надлежен за издавање на лиценци. Тоа што немало надзор е задача на другите институции. Министерот нема задача да проверува дали во моментот на лице место има или нема лиценца. Во конкретниот случај до министерот нема стигнато никаква документација за издавање на лиценци, затоа не може да биде одговорен – рече Коцевски.
Прашан конкретно кој член од законот го прекршиле осомничените министри за економија, обвинителот рече дека биле повредени членови на повеќе закони и подзаконски акти и дека во оваа фаза не може да открие, бидејќи, вели, се работи за предистражна постапка.
– Освен Законот за угостителска дејност, тука имаме и Закон за инспекциски надзор којшто не се почитува, Законот за заштита и спасување, понатаму имаме проценка на ризик, потоа има планови во однос на начинот на функционирање за издавање на тие лиценци. Сета документација требало да е прибрана и врз основа на таа документација, министерот дава лиценца. Во конкретниот случај, за сите лиценци нема целосна документација. Сите осомничени министри за економија не ги почитувале законите, односно издале лиценци кои немале потполна документација – рече Коцевски.
Додаде дека во последните 10 години не е вршен инспекциски надзор на ниту едно кабаре на територија на државата. Во врска со конкретниот случај, Коцевски потенцираше дека објектот во Кочани не бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и локалната самоуправа.
– Објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат. Што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот – рече Коцевски.
За двајцата поранешни директори на ДПИ кои од претходно се истражуваат, обвинителот вели проверките продолжуваат поради што нивниот мандат се врзува со период кога клубот работел со фалсификуваната лиценца. Коцевски вели дека не мора да значи доколку некој бил директор на Државниот пазарен инспекторат дека има и директна одговорност, што не било случај и за Дирекцијата за заштита и спасување, бидејќи, како што рече, таму има суштински прописи при проучување на одговорност и можна инволвираност токму кај раководната структура.
– Не мора да значи дека ако бил директор има и директна одговорност, за разлика од Дирекцијата за заштита и спасување, каде има суштински прописи при проучување на одговорност и можна инволвираност на лица од оваа институција, токму кај раководната структура на самата институција, за разлика од ДПИ. Она што имале должност да го преземат и да воспостават е систем на ефективна контрола и надзор, којшто е нарушен во секоја смисла – нагласи Коцевски.