ПРОБЛЕМОТ СО ПРЕВОЗНИЦИТЕ СЕ РЕШАВА СО БИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ СО ШЕНГЕН ЗЕМЈИТЕ Николоски најави дека наскоро таков договор ќе се потпише и со Австрија
Вицепремиерот смета дека најважно во решавањето на проблемот е тоа што ЕИ ја менува визната стратегија во која превозниците се препознати како професионалци, со што можат да добиваат долгорочни визи во која и да е земја од шенген зоната.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска, порала дека мора да се реши проблемот со превозниците и да се овозможи слободен проток на стоките, без какви било задржувања, чекања и пречки.
Тој рече дека засега единственото решение на проблемот е потпишување на билатерални договори со поединечни земји од шенген зоната.
– Мора да се направат што повеќе билатерални договори со повеќе земји. Добро е што шенген зоната нема ограничување во која држава се вади виза. Ќе го искористиме и овој собир со австриските бизнисмени да го забрзаме процесот и со Австрија. Не сакам да давам рокови но очекувам многу брзо ќе излеземе со добри вести бидејќи комуникацијата е интензивна – рече Николоски.
Николоски рече дека планирано е да се потпишат билатерални договори со земјите кои се на патот на двете рути по кои се движат нашите превозници за да можат да стигнат до нашите најзначајни трговски партнери.
Тој оцени и дека во решавање на проблемот голем удел имаат превозниците кои направија голем притисок со блокирањето на границите.
– Најважно е тоа што се смени визната стратегија во која тие беа препознати како професионалци, со што можат да добиваат долгорочни визи. Но, има неколку земји кои не сакаат ова прашање да се реши на заедничко ниво, па затоа најдобро е да се реши со поединечни билатерални договори, што ние го правиме – рече Николоски.
Николоски за проблемот говореше и на денешниот македонско-австриски бизнис форум и ги замоли присутните бизнисмени да се заложат за решавање на проблемот за кој како што рече веќе се преговара 8 месеци.
-Затоа ве замолувам да помогнете да ги забрзаме измените. Ние веќе имаме договори со некои држави. Ни рекоа да најдеме модел на ниво на Европска Унија, но очигледно таков модел нема, туку моделот е билатерално да правиме договори со земјите. Веќе имаме таков договор со Хрватска, веќе имаме таков договор со Словенија. Разговараме сега со уште неколку други држави и Ве замолувам да разговарате со соодветните институции и власти за да постигнеме таков договор и со Австрија, за да можат македонските превозници да добиваат долгорочни австриски визи. Да не треба кога некоја компанија планира извоз во Австрија или кога австриска компанија планира извоз во Македонија, да седат на календар и да бројат денови – рече Николоски.
Според она што претходно го изјави Николоски досега билатерални договори се потпишани со Хрватска, Швајцарија и Романија. Во тек се интензивни преговори и се најавени средби на високо ниво со владата на Словенија и активно се работи и на решенија со Германија и Унгарија за да се покријат клучните рути на македонските транспортери.
Проблемот на превозниците настана со престојот во Шенген-зоната и правилото 90/180 кое не им дозволува непречено работење на превозниците и непотребни проверки и задржувања на границите.