ПОЖАРОТ ВО КАВАДАРЦИ БИЛ ПОДМЕТНАТ НА ИЛИНДЕН Се очекува да се изгасне до крајот на денот

Околу 21 часот на 2 Август е пријавен пожар во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнале пожари на пет локации коишто се оддалечени една од друга по околу 500 до 700 метри. Значи станува збор за очигледно подметнат пожар, рече градоначалникот Митко Јанчев.

1

Од околу 30 пожари кои биле регистрирани вчера на отворен простор на разни места низ земјата, пожарот во Кавадаречко бил најтежок за интеревенција и се очекува до крајот на денот да биде изгаснат во целост, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на заедничката прес-конференција со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор, неколку од нив се претворија во сериозни, тешки за гасење, пожари. Најтежок којшто вчера беснееше на територијата на државата е пожарот којшто се одвиваше на подрачјето зад нас, на територијата на општина Кавадарци. Во текот на вчерашниот ден овде дејствувавме со два ер-трактори и со полицискиот и со армискиот хеликоптер. Денеска наутро почнавме да дејствуваме со три ер-трактори коишто помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола – рече Ангелов.






​Пожарот бил исклучително тежок за гасење, зашто се одвивал на тешко пристапен терен обраснат со густи грмушки и трња, тежок за движење на пешадија, но и многу стрмни ридишта.

​- Градоначалникот Јанчев покажа школски пример како треба да се гаси еден ваков пожар, бидејќи на лице место овде на земја имавме голем број локални пожарникари. Од негова страна беа ангажирани и доброволни пожарникари – две доброволни противпожарни друштва, понатаму локалната самоуправа, комуналното претпријатие, механизација, булдожери и друга тешка механизација со којашто се правеа противпожарни пресеци. Од воздух помош дадоа ер-тракторите на Дирекцијата, како и еден армиски и еден полициски хеликоптер – појасни Ангелов.

Јанчев се осврна хронолошки на пожарот во Кавадаречко.

– На нашиот најголем македонски празник Илинден, 2 Август, околу 21 часот, е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнуваат пожари на пет локации коишто се оддалечени една од друга по околу 500 до 700 метри. Значи станува збор за очигледно подметнат пожар – вели Јанчев.

Пријавата веднаш била сфатена сериозно. Известени биле Дирекцијата за заштита и спасување, ЦУК, заедно со ОВР Кавадарци и Територијалната противпожарна единица и било пристапено на терен.

– Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа поради специфичноста на теренот, недостапноста и терен до којшто не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно. Утредента, на 3-ти, се продолжи со комплетно гасење на пожарот. Ни се придружија и два ер-трактори во вчерашниот ден кои помогнаа доста од воздух. Вчера пожарот поради ветровите и високите температури, доста се прошири, во радиус од околу 7 километри квадратни и го зафати делот на село Дреново, село Раец, околината на Раец и село Ќесендре – додаде Јанчев.

 

Тој очекува до крајот на денот, овој пожар да биде изгаснат во целост заедно со ер -тракторите и да се остават патроли за да функционираат.

– Морам лично да се заблагодарам и на месното население, пред сѐ, благодарност на Дирекцијата, на Територијалната противпожарна единица, на ЦУК-от, на другите колеги од општината, на ОВР Кавадарци, на РЦ Југ, на сите оние кои пресериозно учествуваат – подвлече Јанчев.

Тој рече дека не се дозволило оштетување на високостеблеста шума. Заштитени биле и луѓето и имотите.

– Можам да кажам дека ова е еден пример за заедничка координација на сите институции како може еден пожар којшто беше многу лошо подметнат да се стави под контрола благодарение на целата организација и функционирање заеднички – истакна Јанчев.

Поврзани содржини