ПОЛИЦИЈАТА ОДЗЕДЕ 14 МОТОЦИКЛИ За само шест часа санкционирани 222 мотоциклисти, 14 приведени
Во шестчасовната акциска контрола низ државата, полицијата затекна 186 мотоциклисти без заштитна кацига, приведе 14 возачи без дозвола и одзеде исто толку мотоцикли.
Полицијата санкционирала 222 возачи на мотоцикли во засилена акциска контрола што вчера попладне и вечерта беше спроведена низ целата држава. Најголем дел од прекршителите биле затекнати без заштитна кацига, а 14 лица завршиле во полициска станица поради безобѕирно управување со моторно возило.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, контролата се спроведувала од 17 до 23 часот, а од вкупно 222 санкционирани мотоциклисти, дури 186 не користеле заштитна кацига за време на возењето.
Во акцијата биле лишени од слобода и 14 возачи, кои ќе одговараат за кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297-а од Кривичниот законик. Според МВР, сите тие управувале мотоцикл без возачка дозвола.
За време на контролата биле одземени и 14 мотоцикли.
Освен прекршоците кај мотоциклистите, полицијата евидентирала и санкционирала уште 197 други сообраќајни прекршоци.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, а до сите учесници во сообраќајот упатија апел доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност на патиштата.