ПОКРЕНАТА ИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА ПРОНЕВЕРАТА ОД 2,6 МИЛОНИ ЕВРА ОД ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕДИ Притвор за тројца, одземен пасош на еден од осомничените

Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта – се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.

0

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица.

Со истрагата е опфатен сопственик и управител на кривично одговорно правно лице од село Кучевиште, кој воедно бил и неизвршен член на Одборот на директори во кривично одговорното осигурително брокерско друштво, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. За помагање при извршувањето на истите кривични дела осомничени се двајца извршни членови на Одборот на директори во осигурителното брокерско друштво и овластен сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг. Раководителот на станицата за технички преглед и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта се осомничени за помагање при извршувањето на „Проневера во службата“. Со Наредбата се опфатени и две правни лица осомничени за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.






Според доказите обезбедени до овој момент, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил 138.877.419 денари, додека останатите осомничени со умисла му помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.

Лажни уплати, лажни извештаи

Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта. Раководителот на станицата за технички преглед, како овластено лице, изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.

Со цел прикривање на паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување. Заедно со неизвршниот член на Одборот на директори, средствата ги префрлале меѓу сметките на правните лица и ги мешале со приходите од редовното работење, а дел бил употребен и за купување недвижности во корист на правното лице.

Осомничениот сметководител евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на кривично одговорното правно лице.

Определени притвори и мерки за претпазливост

Помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, иако била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, свесно не ги презела потребните дејствија. Дополнително, го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП, наместо правното лице да доставува месечни извештаи до претпријатието.

Со дејствијата што се предмет на истрагата е прибавена противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра, на штета на повеќе институции и општини.

Ценејќи дека се исполнети законските услови и со цел обезбедување присуство на осомничените во текот на истражната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени и мерки на претпазливост за еден осомничен.

Запленети уште 30.000 евра и две луксузни возила

Во меѓувреме, директорот на БЈБ, Александар Јанев, на прес конференција одговараше на прашања поврзани со вчерашната акција, во која беа уапсени три лица, а предмет на кривичната пријава се шест физички и три правни лица.

Тој рече дека криминалната група се сомничи за проневера на над два милиони евра, а додаде дека е интересно што македонските граѓани си ги платиле обврските за регистрација на возило, но операторот не ги исплаќал кон државата.

Јанев нагласи дека само за два дена успеале да обезбедат доволно факти и аргументи и докази за поголема сума евра која требало да заврши во буџетот.

– Секако, нема да застанеме тука и сакам да информирам дека при дополнителни претреси се пронајдени 30 илјади евра и плус две луксузни возила со понова година на производство, кои исто така се одземени – посочи Јанев.

Директорот на БЈБ најави дека истрагата ќе се прошири кон одредени други правни субјекти за кои има сознанија и аргументи дека се занимваат со таков начин на стекнување финансиски средства.

Поврзани содржини