ПОДДРШКА ОД ЕВРОПА ЗА ПОВРЕДЕНИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Муцунски најави од идната недела враќање на тие што се лекуваат во странство

Министерот исто така информираше дека лично ги посетил болниците во Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена и Љубљана, а најави и посета на Будимпешта во наредните денови. Во овие болници се сретнал со семејствата на повредените и медицинскиот персонал.

1,035

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа прес-конференција, на која ги информираше медиумите за активностите и мерките што Министерството ги презело во врска со згрижувањето на македонските граѓани повредени во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.

Тој изјави дека преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларните претставништва, министерството направило сè што е во рамките на своите надлежности, за да се обезбеди најдобрата можна помош за жртвите на трагичниот настан.






– Преку нашиот систем и соработката со партнерите од Европа, обезбедивме медицинска помош за повредените. Наша цел е да продолжиме со истата посветеност и да не запре помошта, се додека не обезбедиме целосна грижа за нашите сограѓани – изјави министерот.

Во моментот, 116 пациенти се хоспитализирани во 14 различни европски држави, а за 38 лица медицинската грижа е обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, кој беше активиран веднаш по несреќата од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Министерот Муцунски ја истакна и брзата реакција на Кризниот штаб, кој во соработка со дипломатските мисии и надлежните институции, обезбеди транспорт на пациентите до странски болници во најкраток можен рок, според највисоките медицински стандарди.

Тој исто така информираше дека лично ги посетил болниците во Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена и Љубљана, а најави и посета на Будимпешта во наредните денови. Во овие болници се сретнал со семејствата на повредените и медицинскиот персонал.

– Државата стои целосно зад овие луѓе, и за време на овие тешки моменти, изразувам благодарност за поддршката што ја добивме од сите наши партнери и медицински тимови – рече Муцунски.

Министерот истакна дека трошоците за лекување на пациентите се покриени од страна на државите-домаќини, додека Владата на Република Северна Македонија ги покрива сите трошоци за пат, сместување и логистика за семејствата на повредените. Министерството е во постојана комуникација со семејствата, а дежурните телефонски броеви за информации се достапни за сите.

На крајот, Муцунски упати благодарност до сите здравствени работници и најави координативен состанок за организацијата на претстојната репатријација на пациентите.

Поврзани содржини