ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ КВИНСИ ЏОНС Беше меѓу најважните имиња во современата музика

Квинси Џонс се дружел со претседатели, светски лидери, со филмски и со музички ѕвезди и испишал историја како продуцент на еден од најпродаваните албуми на сите времиња, „Трилер“ на Мајкл Џексон.

104

Квинси Џонс, една од најзначајните личности во современата музика, почина на 91 година.

Талентираниот музички титан соработуваше со Мајкл Џексон, Френк Синатра, Реј Чарлс и стотици други музичари, а снимаше и музика за филмови и за телевизија.






Публицистот на Џонс, Арнолд Робинсон, изјави дека тој починал во својот дом во Бел Ер, во Лос Анџелес, окружен од семејството.

„Денеска со скршено срце мораме да објавиме дека почин нашиот татко и брат, Квинси Џонс. Иако ова е неверојатна загуба за семејството, го славиме неговиот голем живот и знаеме дека никогаш нема да има друг како него“, објави семејството.

Како композитор, диригент, аранжер, продуцент, музичар и пејач, Џонс имаше неспоредливо плодна кариера која траеше повеќе од седум и пол децении. Од детството меѓу уличните банди во Чикаго, па сѐ до најголемите височини на шоу-бизнисот, Џонс беше еден од првите црни извршни директори во САД, оствари успешна кариера во Холивуд и создаде исклучителен музички каталог.

Се дружел со претседатели, светски лидери, со филмски и со музички ѕвезди, испишал историја како продуцент на еден од најпродаваните албуми на сите времиња, „Трилер“ на Мајкл Џексон, и го надгледувал снимањето на песната „Ние сме светот“ (We Are the World) во 1985 година.

Листата на награди и почести зафаќа 18 страници во неговата автобиографија од 2001 година, која денес вклучува 28 награди Греми, една награда Еми и два почесни Оскара.

Џонс ја почнал музичката кариера во џезот како трубач, при што се стекнал со углед, соработувајќи со најголемите џезери од 1950-те. Во 1961 година станал потпретседател на дискографската куќа „Меркјури“, по што добил покана да работи и во Холивуд, каде што компонирал музика за речиси 40 филма и добил 7 номинации за Оскар. Подоцна се обидел и во полето на филмската продуција, во што најголемиот успех му беше „Бојата на пурпурот“ од 1985, кој имаше 11 номинации за Оскар.

Џонс со голема леснотија се снаоѓал во сите музички стилови, па меѓу музичарите со кои соработувал има и џез великани (Дизи Гилеспи, Каунт Бејзи, Дјук Елингтон), рапери (Снуп Дог), РнБ ѕвезди (Чака Кан) и класични пејачи (Френк Синатра, Тони Бенет).

Поврзани содржини