ПЕНДАРОВСКИ ВЕЛИ СЕГА ИМА АФЕРА, А ПРОТЕЧЕНИТЕ ЗАПИСИ ОД СОСТАНОК ДОДЕКА ТОЈ БЕШЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ – НЕ БИЛЕ АФЕРА „Тоа не беше средба за враќање на Груевски, но се зборуваше на темата“

Поранешниот претседател Стево Пендаровски вели дека има афера во тоа што протекле информации од компјутерскиот систем кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а индикатвно за тоа е што е суспендиран ИТ-техничарот.

1

Поранешниот шеф на државата Стево Пендаровски ја потврди изјавата на актуелата претседателка Гордана Сиљановска Давкоа дека сите класифицирани документи што ги добива Кабинетот се во писмена форма и се архивираат во писмена форма, но, не се согласува дека нема афера по информациите за неовластен пристап и извлекување информации од компјутерскиот систем на претседателскоот кабинет.

– Тезата е дека класифицираните информации не може да се извлечат дигитално. Добро, а може ли да се извлечат мејловите, преписката внатре во кабинет или до влада, до министерства. Значи нагаѓам, не знам. Меѓутоа, суспендиран е човекот кој работел на одржување на компјутерската мрежа заедно со некои други колеги. Велиме немаме афера, а за што е суспендиран ИТ-техничарот? Во ред, не е суспендиран архивар, значи не е таму пробиено. Просто прашувам… И индикативно е зошто треба поприлично време да помине за вие да ги дадете видеоснимките или наодите од форензичките испитувања на мобилните телефони на припадникот на кабинетот – рече Пендаровски во гостување на емисијата „360 Степени“ на МРТВ.

 






На прашањедали ги препознава актерите, оти се тврди дека едниот е поранешен припадник на „Волците“, ангажиран во кабинетот и негово време, Пендаровски рече дека не го познава лично, дека е вработен е во времето на Ѓорге Иванов, бил еден од луѓето кои се задолжени за одржување на мрежата и секојпат имало над него друг, кој е негов претпоставен.

– Она што успеав да го разберам е дека тој што му е претпоставен практично прв сугерирал до МВР, до надлежните органи, дека постои упад на неовластен субјект во компјутерската мрежа. Меѓутоа, во 10 години на Ѓорге Иванов немаме чуено за ваква афера. Човекот не бил суспендиран. Во моите 5 години немаме чуено ни индиција дека вакви работи правел тој човек. Работел и кај мене и кај Иванов. Сега се случува и јавноста заслужува минимум одговор за што станува збор – рече Пендаровски.

На прашање дали може да се извлечат паралели со случајот од неговото време како претседател, кога се појави информација за протекување информации, дури и на аудиоснимка од состанок во неговиот кабинет со целиот државно-политички врв и со амбасадорите на САД и на ЕУ, Пендаровски рече – не.

 

– Знаете зошто не, зашто стануваше збор за еден вработен во кабинетот кој бил припадник на „огнената група“, која беше зачетокот на Вреди во тоа време. Тој, гледајќи дека на состанокот доаѓа и господинот Али Ахмети, од кабината на преведувачот успеал да сними неколку акценти од излагањето на Ахмети, за да може тоа партиски, политички да го употреби на другата страна, контрастраната од ДУИ. Откога тоа се откри, веднаш луѓе од надлежните институции вклучително и од АНБ разговараа со човекот, заклучија дека тој нема никаков контакт со странски служби и второ, тоа што успеал да го забележи на неговиот мобилен не е класифицирана информација. Не е никаква тајна. Потоа беше истеран, се разбира, од кабинетот – рече Пендаровски.

На прашање дали тој го суспендирал или самиот заминал кај Блерим Беџети во Сарај, експретседтелот одговори дека тоа се третирали во кабинетот како дисциплинска повреда, потешка повреда на работниот однос.

– Беше вратен таму и тоа беше практично, сега да не испадне дека се шегувам на таа тема, меѓутоа во тоа беше пародијата. Беџети во тоа време беше дел од „огнената група“, подоцна се врати во ДУИ и беше малку една контроверзна ситуација – рече Пендаровски.

Во врска со тоа дали на тој состанок се договарало враќање на Никола Груевски во Македонија за да го ослаби ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2024 година, одговори дека ВМРО-ДПМНЕ во тоа време како опозиција прилично го користела и го злоупотребувала тоа.

– Тие направиле транскрипт од снимката и го дадоа на американската амбасадорка, без да знаат дека и таа била присутна. Значи, станува збор за состанок, состаноци имаше такви три-четири најмалку и пред тоа и потоа на тема – Америка и Европската Унија сакаат да знаат дали ние имаме план за уставните промени, како би се приближиле до ЕУ. И тоа беше еден од тие состаноци на таа тема. Бидејќи во тој период имаше шпекулации, морам да бидам искрен и да кажам и во рамки на врвовите на тогаш владејачката партија СДСМ, дека наводно јас сум еден од проблемите за тоа, бидејќи не сакам да се согласам со помилување на Груевски. Кратко појаснување – Груевски во тој момент веќе има две правосилни пресуди и може да се врати само на два начина: ако јас го помилувам или ако донесат закон за амнестија во Собрание. Таков закон е донесен 2018 година, сите знаеме. И ВМРО гласаше цела пратеничка група – 92 гласа има тој закон за делумата амнестија. Опфатени се многу луѓе, меѓутоа сите знаеме дека индиректно беа опфатени и оние што гласаа за промена на Уставот, за упадот во Собранието… И сега јас на почетокот, како домаќин на оваа средба што ви ја споменав, велам, ќе ми дозволите неколку позиции да објаснам кои се однесуваат на моето размислување за целиов политички контекст. И меѓу другите работи велам – слушам дека некаде има шпекулации дека треба јас да го помилувам Груевски зашто така е најбрзо да ја завршиме работава, па тој ќе дојде, ќе ги убеди пратениците на ВМРО, извесна бројка и ќе се гласаат измените. Јас реков – на тоа да не смета никој, Груевски во ниедна варијанта немам намера да го помилувам. Ако сакате толку закон за амнестија, во парламент имате доволно мнозинство – терајте… Средбата е како до уставни промени. Што мислите вие, прашуваа странците. И тие даваа свои предлози, да не откривам детали, значи и Американката и Гир даваа свои предлози како полесно до таа варијанта или прашуваа, а зошто не би направиле вака? Тоа е ваше, меѓутоа каде ние можеме да помогнеме и така натаму и така натаму.

На прашање дали широка коалиција е една од идеите на Американците во тоа време Пендаровски одговори:

– Од сите работи кои не сакам да ви ги кажам, ова се решив на крај да ви кажам, затоа што е јавно промовирано од поранешниот премиер Зоран Заев. Идејата за широка коалиција е дискутирана меѓу Заев и Мицкоски – да се направи широка коалиција и две точки има тој речиси неформален договор – прво, денес Бугари во Устав, утре предвремени избори. ВМРО добива избори година дена минимум порано од регуларниот термин, а политичкиот товар го поднесуваме сите и после тоа тераме не само кон Европска Унија, туку и без таков товар тераме во развој на државата многу побрзо. Таа идеја ја поддржа меѓународната дипломатија, вклучително и американската дипломатија. Сега, кој бил прв, меѓутоа јас знам дека Заев го објаснувал тоа во тогашниот врв на СДСМ и во Владата.

Поврзани содржини