БОЈАЏИ ГИ ОБВИНИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЗА КОМУЊАРСКИ И СЕВЕРЏАНСКИ ИГРИ Откажано снимањето на филмот „Татко“
Нема да дозволиме да бидеме понижени и обесправени и нема да бидеме параван зад кој со нашите имиња на вистински уметници и филмски автори Министерството за култура и Агенцијата за филм ќе ги играат нивните комуњарски и северџански игри, објави режисерот Јани Бојаџи.
Режисерот Јани Бојаџи ги обвини Министерството за култура и туризам Агенцијата за филм, за кои рече дека играат „комуњарски и северџански игри“ и објави дека ја поддржува одлуката на продуцентот Дејан Милошевски кој во има на „Revolution production“ сподели дека се откажува снимањето на филмот „Татко“, еден од проектите кои беше одбран да добие финансиска поддршка за 2026 година.
„Ја поддржувам во целост одлуката на Дејан како продуцент. Нема да дозволиме да бидеме понижени и обесправени! Нема да бидеме параван зад кој со нашите имиња на вистински уметници и филмски автори Министерството за култура и Агенцијата за филм ќе ги играат нивните комуњарски и северџански игри! Им благодарам на сите соработници кои овие 4 години беа заедно со нас во развојот на овој филм, инспириран и посветен на Македонија и мајката земја. Борбата продолжува! Ќе победиме. И без нив“, пишува Бојаџи во објавата на Фејсбук.
Претходно профилот на „Revolution production“ го сподели соопштението на продуцентот Дејан Милошевски во кое тој соопшти дека филмот нема да се снима, како и дека се откажуваат од доделените средства.
Милошевски наведе дека оваа одлука била донесена по внимателна анализа на условите и околностите во кои требало да се реализира проектот.
„Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на нашето долгогодишно искуство и настаните со кои се соочуваме во последните години. Одбиваме да бидеме дел од оваа перфидна игра на Министерството за култура и на Агенцијата за филм, која нас како уметници нè става во понижувачка и недостојна позиција и очекува да бидеме параван за лукративните и антифилмски цели на оваа, според сè што се случува во години наназад, тенденциозна филмска администрација. Поради тоа, донесовме одлука да се откажеме од проектот „Татко“ и од доделените средства“ се вели во соопштението.
Милошевски воедно им се заблагодари на сите соработници, актери, партнери и поддржувачи кои верувале во овој проект.