НАЧИНОТ НА КОЈ СЕ ПОСТАВУВА НОВАТА БУГАРСКА ВЛАДА НЕ ДАВА ОПТИМИЗАМ Не им е услов само Уставот, ама по ниедна цена не разговараме за идентитетските прашања

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека од блокадата на евроинтегративниот процес, цената ја плаќа и Европската Унија, која губи кредибилитет што дозволува билатерални прашања да го кочат европскиот напредок и ветувањата и гаранциите кои се давани кон нашата земја и кон регионот во целост.

12

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изрази очекување дека во фокусот на претстојните разговори со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта ќе бидат реформската агенда и евроинтегративниот процес, како и можностите за надминување на пречките кои го кочат напредокот на Македонија кон Европската Унија.

Во врска со односите со Бугарија посочи дека постојат области во кои може да се постигне напредок, особено во делот на инфраструктурното поврзување преку Коридорот 8 и отворањето на граничниот премин „Клепало“.






– Тоа што не ми дава во овој момент голем оптимизам е начинот на кој актуелната бугарска влада на почетокот на самиот мандат се поставува кон нас како држава. Тоа што е кристално јасно е дека кај Бугарија не се единствено барање само уставните измени. Има многу елементи кои тие ги гледаат како значаен дел од нашиот евроинтегративен процес, за кои ние сметаме дека нема потреба да се дискутира во ова време во кое живееме. Бугарија од нас како држава има очекувања кои се поврзани со идентитетски прашања – како јазикот, историјата и културата. Да, бугарската страна, за разлика од сите други земји членки и сите европски институции, смета дека договорот од 2022 година е многу повеќе од само уставни измени, тоа е реалност со која се соочуваме и за која треба да најдеме решение – истакна Муцунски во гостување на Сител.

Тој додаде дека токму тоа е прашањето кое треба да се разреши со посредство на Европската Унија и земјите членки кои се добронамерни кон процесот на европското проширување.

– Ние како држава имаме обврска да бидеме проактивни. Покрај реформите кои ги спроведуваме, да нудиме решенија кои ќе бидат достоинствени – тоа е разликата помеѓу нашата Влада и сите други влади. Сите претходни влади барале решенија по секоја цена, а ние бараме решенија кои ќе бидат достоинствени и одржливи – нагласи министерот.

Муцунски е дециден дека Владата нема намера да отвора разговори за прашања поврзани со националниот идентитет.

– Ние како Влада немаме подготвеност по никаква цена да дискутираме за какво било прашање поврзано со идентитет, јазик, култура и историја – порача министерот.

Осврнувајќи се на пошироките последици од блокадата на евроинтегративниот процес, Муцунски истакна дека цената од ваквиот пристап не ја плаќа само државата.

– Цената ја плаќа и целиот регион, но и целата Европска Унија, која губи кредибилитет што дозволува билатерални прашања да го кочат европскиот напредок и ветувањата и гаранциите кои се давани кон нашата земја и кон регионот во целост – истакна тој.

Во врска со можните решенија, министерот нагласи дека државата останува посветена на изнаоѓање решение, но не по цена на нови национални отстапки без јасни гаранции.

– Факт е дека ние мораме да најдеме решение, тоа нема дилема. Но, доколку тоа решение значи само почеток без извесност за крај, а знаејќи дека во меѓувреме Софија е многу конкретна во своите барања за национални отстапки, тогаш нема логика да тргнеме по пат кој е неизвесен, по кој цената ќе биде нови национални отстапки без никакви гаранции – истакна Муцунски.

Додаде дека е потребно решение кое ќе даде одржливост.

– Ние разговараме и дискутираме да најдеме решение кое ќе даде не само предвидливост, туку и одржливост. Да знаеме дека сме ги затвориле сите прашања, да знаеме дека европските институции и Бугарија застануваат цврсто позади затворањето на прашањата и да почнеме да разговараме за прашања кои се суштински битни – рече министерот Муцунски.

Целта не е само да ги почнеме преговорите, туку и да ги завршиме, доколку се спроведат соодветните реформи во различните области.

– И тука е всушност каде што настанува моментот на постоење на на спор. Односно, убедувањето на најголем дел од земјите членки, европските институции дека единствена кочница на нашиот пат се уставните измени, очигледно е дека не се. И тоа е тоа за коешто треба да дискутираме и со Кошта, од потребата од давање на гаранции спрема нас како држава. Патем, и тој во Софија го кажа тоа, пред околу една година, дека државата треба да добие дополнителни гаранции – рече Муцунски.

Во врска со спроведувањето на реформите од Реформската агенда и очекувањата за нови средства од Планот за раст рече дека Владата посветено работи и изрази уверување дека Македонија повторно ќе биде меѓу најуспешните земји во регионот според бројот на реализирани реформи.

– Очекувам да спроведеме вкупно 25 реформи и да добиеме најмногу средства во регионот – вели Муцунски.

Тој апелираше до опозицијата да даде конструктивен придонес и да се вклучи во процесите што произлегуваат од европската агенда.

– Ова се закони коишто ги носиме по барање на европските институции, закони и подзаконски акти, кои што се за доброто на државата и закони коишто ги подготвуваме заеднички со европските институции – посочи тој.

Според него, неконзистентно е опозицијата да зборува за европски вредности и за европска интеграција, а истовремено да не ги поддржува законите што произлегуваат од европската агенда во Собранието.

– Кога ќе дојде редот да ги поддржите законите со европската агенда, да не ги гласате во Собрание и да бегате од работните групи како таа за Изборниот законик, кои што се на ОДИХР, но исто така на барање на европските институции – потенцира Муцунски.

Владата, додаде, посветено ја извршува својата работа и граѓаните можат да бидат сигурни оти во следниот извештаен период Македонија повторно ќе биде меѓу водечките земји по бројот на спроведени реформи.

На прашањето дали треба ли да се прашаат граѓаните на референдум што тие мислат за промената на Уставот, тој истакна дека референдумот е најсилната алатка на граѓаните, но референдум во овој момент ниту има логика, ниту нешто конкретно може да значи или да даде некој пробив во состојбата.

– Единствено служи како внатрешно-политичка алатка на главната опозициска партија која, ако им ги следите и денешните прес-конференции, не знаат ни кога ни се роковите за испорака на реформите. Тие денеска држат прес-конференции и велат „Реформите требаше да ги испорачате до јуни“, а не се свесни дека рокот е 30 јуни, а не не 1 јуни. А суштината е следна: нашите граѓани, сите анкети ни покажуваат апсолутно недвосмислено дека граѓаните даваат поддршка на европскиот пат. Но, истовремено и дека не треба да го продолжиме патот на отстапки во низа без јасни сигнали дека тоа е крај – рече Муцунски.

Прашан дали токму Европскиот совет може да биде гарант, да го испорача ова барање на македонската влада за гаранции, вели апсолутно да.

– Дефинитивно, и тоа е тоа што ние го кажуваме. Една од институциите коишто можат преку свои заклучоци да даде гаранции дека нема за нашата држава да има дополнителни барања поврзани со историја, со идентитет, јазик и култура е Европскиот совет, како главна институција што ги носи одлуките во името на земјите-членки. Но, не треба да се запостави запостави и нашето очекување дека соседна Бугарија ќе покаже минимум добра верба спрема нас и ќе си ги преземе обврските согласно Европската конвенција за човекови права – рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Поврзани содржини