ПАК ЛИ МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА ЌЕ ЈА ПРЕНЕСУВАМЕ ТАЈНО, ДОМА, ОД КОЛЕНО НА КОЛЕНО? Професорот Жежов има радикален предлог
Согласноста на членовите на македонскиот дел од мешовитата комисија да се променат наставните содржини од средновековната историја и содржини од периодот на античката историја на Македонија претставува негирање на етногенезата на македонскиот народ, смета историчарот.
Историчарот проф. д-р Никола Жежов апелира македонскиот дел од мешовитата бугарско-македонска комисија уште еднаш да ја преиспита својата работа и учество во комисијата, да ги повлече своите потписи од нејзините штетни и ненаучни заклучоци и да застане на ставовите и позициите на најголемиот дел од македонски историчари, кои се спротивставија на бугарската антимакедонска политика кон Македонија и кон македонскиот народ, пренесува порталот Република.
„Согласноста на членовите на македонскиот дел од мешовитата комисија да се променат наставните содржини од средновековната историја и содржини од периодот на античката историја на Македонија претставува негирање на етногенезата на македонскиот народ и поткрепа на тезата за наводното вештачко настанување на македонската нација, што е една од главните тврдења на бугарската историографија. Примената на овие штетни и ненаучни заклучоци ќе предизвика домино ефект и ќе отвори еден процес којшто тешко ќе може да се затвори, а напротив ќе овозможи простор за нови отстапки кои целосно ќе ги деградираат научните трудови и резултати на македонската историографија што ги создавала речиси 80 години наназад“, вели Жежов.
Според него, ако се спроведат заклучоците од записникот во македонскиот образовен систем, македонскиот народ ќе биде принуден, македонската историја да ја проучува во своите домови, да ја пренесува од колено на колено на следните македонски генерации и на таков начин да се заштити од штетните влијанија на бугарската пропаганда во Македонија.