ПАЦИЕНТИТЕ ОД КОЧАНИ НЕМА ДА ПАТУВААТ, ХИРУРЗИТЕ ЌЕ ДОЈДАТ КАЈ НИВ Таравари очекува 8 пациенти неделава да се вратат од странство
Се очекува оваа недела уште 8 пациенти, кои се лекуваат во странство, да пристигнат во македонските клиники. Нивниот престој ќе трае еден до 2 дена, по што ќе бидат пуштени на домашно лекување, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тим од пластични хирурзи ќе биде испратен во Кочани со цел да се олесни процесот на рехабилитација на пациентите повредени во трагичниот пожар што се случи неодамна во овој град, информираше денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој истакна дека голем дел од повредените се токму од Кочани, поради што се разгледува опцијата за испраќање на специјализираниот тим хирурзи во регионот, што би овозможило пациентите да не мораат постојано да патуваат на третмани во други градови.
– Во Штипската болница веќе има четворица пластични хирурзи, а во зависност од индивидуалната состојба, на некои пациенти ќе им биде потребна рехабилитација од две недели, додека кај други таа може да трае со месеци – посочи министерот за здравство.
Во моментов, вкупно 115 пациенти повредени во трагичниот пожар во Кочани се лекуваат во здравствени установи надвор од државата, додека 46 пациенти се хоспитализирани во болници во Скопје.
Од повредените кои се лекуваат во Скопје, 16 наскоро ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, откако ќе бидат завршени сите потребни испитувања, а 30 пациенти ќе останат во болнички услови.
Од пациентите згрижени во скопските болници, 26 се во Клиничкиот центар, од кои 3 на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), 6 на Клиниката за пластична хирургија, 11 на Клиниката за токсикологија, двајца на Клиниката за пулмологија и алергологија, двајца на Клиниката за детска хирургија, 1 пациент на Клиниката за торакална хирургија и 1 на Клиниката за офтамологија.
Во ГОБ „8 Септември“ се лекуваат 10 пациенти, додека уште 10 се хоспитализирани во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Дополнително, 8 пациенти се хоспитализирани во приватни болници, сите во стабилна и добра состојба.
– Се очекува оваа недела уште 8 пациенти кои се лекуваат во странство да пристигнат во македонските клиники. Нивниот престој ќе трае еден до два дена, по што ќе бидат пуштени на домашно лекување – изјави Таравари.
Четворица пациенти кои се лекуваат надвор од државата се во критична состојба, а многумина од нив се во фаза во која се можни инфекции како последица од изгореници од втор и трет степен.
Министерот нагласи дека медицинските тимови во странство вложуваат максимум за да постигнат што подобри резултати и изрази надеж дека најмалку половина од пациентите ќе бидат вратени во државата во рок од две недели.
Таравари истакна и дека и покрај притисоците и пораките што ги добива, нема намера да поднесе оставка бидејќи, како што рече, е фокусиран на грижата за пациентите и нивната благосостојба, што сега е најважно.