ОТВОРЕНО ИСТОРИСКО КАТЧЕ НА МЕДИЦИНАТА ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА Институцијата одбележа 34 години постоење

Изложените предмети во историското катче се донација од семејството на д-р Ѓорѓи Дудев (1905 - 1957) кој бил меѓу првите дипломирани лекари од прилепскиот регион и кој активно учествувал во воспоставување на здравствениот систем во Македонија по Втората светска војна.

101

Лекарската комора денеска одбележа 34 години од формирањето, а на свеченоста беше отворено и историско катче на медицината, лоцирано во просториите на Комората.

Просторот е замислен како чувар на меморијата за развојот на македонското здравство. Преку документи, фотографии и предмети се сведочи за патот, предизвиците и успесите на медицинската професија во Македонија.

 






Раководството на Комората ја потенцираше клучната улога на институцијата во заштитата на професионалноста, дигнитетот и правата на лекарите, како и во постојаното унапредување на здравствениот систем.

– Овој јубилеј не е само потсетник на денот кога ги поставивме темелите на Комората, туку и на одговорноста што ја носиме кон сите генерации лекари пред нас и оние што доаѓаат. Историското катче на медицината е израз на нашата почит кон сите колеги кои го вложиле својот живот во македонското здравство и оставиле траен белег на нашата професија – истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Комората.

Беше истакнато дека Комората и во иднина ќе продолжи активно да работи на подобрување на статусот на докторите по медицина, континуираната медицинска едукација и градењето на одржлив здравствен систем.

 

Изложените предмети во историското катче се донација од семејството на д-р Ѓорѓи Дудев (1905 – 1957) кој бил меѓу првите дипломирани лекари од прилепскиот регион. Д-р Дудев активно учествувал во воспоставување на здравствениот систем во Македонија по Втората светска војна.

Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонско лекарско друштво.

Поврзани содржини