НЛБ Банка обезбеди донација во вид на финансиска помош за потребите на населението погодено од разорните шумски пожари кои летово зафатија голем дел од територијата на Македонија. Донацијата е спроведена преку сметката на солидарноста на организацијата на Црвениот крст.
Банката преку дополнителна донација за набавка на опрема ќе ги поддржи и активностите на храбрите волонтери на „Доброволното противпожарно друштво – Пехчево“, кои со денови и неуморно се борат со огнените стихии.
Како дел од постојаната заложба на Банката за поддршка на заедницата и управување со животната средина, овој придонес има за цел да ги обезбеди многу потребните ресурси за оние кои ги ризикуваат своите животи и делуваат во исклучително тешки услови за да ги заштитат нашите заедници и животите на луѓето во погодените подрачја.
– Овие донации се дел од нашата подготвеност за помош при катастрофи и придонес за благосостојба во заедницата во која живееме и делуваме, но и пошироко во регионот, кој не е само точка на мапата, туку наш дом за кој сите подеднакво имаме одговорност. Упатуваме огромна благодарност до сите луѓе – професионалци и волонтери, организации и институции вклучени во гаснење на пожарите и топли пораки за поддршка на локалното население кое живее во погодените подрачја, со искрени желби нивните животи што поскоро да се вратат во нормала – истакнуваат од НЛБ Банка.
Речиси секоја година, во летниот период, Македонија ја зафаќаат шумски пожари кои зад себе оставаат пустош и ненадоместлива загуба. Шумите се „белите дробови“ на нашата планета и од витално значење за нашиот опстанок. Обезбедуваат чист воздух, ја поддржуваат биолошката разновидност и се борат против климатските промени. Секое дрво што ќе го зачуваме навистина прави разлика.
– Преку одговорно локално делување, сите заедно даваме придонес кон заложбите на глобално ниво за справување со предизвиците на модерниот свет: климатските промени, загадувањето на воздухот, заштита на животната средина и биодиверзитетот, како и одржливоста на нашата планета. Важно е да го заштитиме нашиот природен свет за нас, но и за генерациите кои доаѓаат – додаваат од Банката.