НАСИЛНИЦИ ТЕПАЛЕ, СЕ ЗАКАНУВАЛЕ, СЛЕДЕЛЕ Полицијата уапси 4 лица, седум случаи за 24 часа
Четири лица завршија во полициска станица по напади врз сопруги и партнери, додека во последното деноноќие се евидентирани вкупно седум случаи на семејно насилство.
Семејното насилство повторно ја вознемири јавноста, откако во изминатото деноноќие беа пријавени седум случаи, а четири лица завршија во полициска станица поради напади врз свои најблиски.
Во Скопје, во населбата Аеродром, 27-годишен маж бил приведен откако, според пријавата, физички ја нападнал својата 25-годишна партнерка.
Неколку часа подоцна, во Чаир, полицијата привела татко и син – на возраст од 59 и 28 години – кои во семејниот дом нападнале членови од своето семејство.
Пријави за насилство пристигнале и од други делови на главниот град. 51-годишна жена пријавила дека била нападната од сопругот во семејниот дом, додека 60-годишна жена се пожалила дека нејзиниот сопруг ѝ се заканувал и фрлал предмет кон неа.
Насилството не застанало само во Скопје. Во Струга, жена пријавила дека била нападната од поранешниот сопруг, кој, според нејзините зборови, подолго време ја следел и вознемирувал.
Во Кичево, 40-годишен маж бил приведен откако физички ја нападнал сопругата во дворот од нивниот дом.
Сличен случај бил регистриран и во Тетово, каде 33-годишен маж ја нападнал сопругата по расправија во семејниот дом.
Од полицијата информираат дека случаите се расчистуваат, а против осомничените ќе следуваат соодветни пријави.