ФРЛАШ ЃУБРЕ НОЌЕ ПО 22 ЧАСОТ, ЌЕ СИ ПЛАТИШ Околу 100 казни во Скопје за прекршување на новото правило

Околу 100 граѓани се казнети затоа што фрлале отпад по 22 часот, а градските власти најавуваат уште построги контроли и видеонадзор.

0

Инспекторите на Град Скопје досега изрекле околу 100 казни за граѓани кои фрлале комунален отпад во контејнерите по 22 часот, иако тоа е забрането.

Покрај граѓаните, санкции добиле и фирми, изречени се десетина казни, додека повеќе од 100 прекршители поминале со опомени.

Забраната важи од ноември 2025 година и се однесува на периодот од 22 часот навечер до 6 часот наутро. За оние што не ја почитуваат, предвидена е казна од 50 евра. Според податоците на градските власти, досега се наплатени над 2.000 евра по овој основ.

Од Град Скопје велат дека мерката веќе дава резултати, улиците се почисти, а граѓаните постепено ги менуваат навиките.

Контролите нема да запрат. Инспекторатот најавува засилено присуство на терен, со дежурства во три смени и фокус на критичните локации низ градот.

Во следниот период се планира и поставување видеонадзор, со цел полесно откривање на прекршителите.

Дополнително, донесена е одлука и деловните објекти, кафулиња, маркети и други фирми, да обезбедат сопствени контејнери за отпад, за да се намали притисокот врз оние што ги користат домаќинствата.

Поврзани содржини