200 КАМЕРИ ЌЕ ГИ ЛОВАТ ВАНДАЛИТЕ И ЗАГАДУВАЧИТЕ НИЗ СКОПЈЕ Ѓорѓиевски чека дозвола за да ги постави
Камерите ќе бидат поставени на критични локации, каде што постојано се создаваат диви депонии или се оштетува јавната опрема. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави и нови паркови во Бутел, Карпош и Аеродром, а за Вардариште се планира деконтаминација и претворање на просторот во зеленило.
Повеќе од 200 камери ќе бидат поставени на критични точки низ Скопје за да се спречат вандализмот и создавањето диви депонии, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Камерите треба да ги опфатат парковите и јавните површини што често се оштетуваат, како и локациите каде што несовесни граѓани постојано фрлаат отпад. За почеток на поставувањето се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци.
– Сега го чекаме финалното одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки низ Град Скопје. Ќе бидат опфатени места каде што се создаваат депонии и паркови кои постојано се под удар – рече Ѓорѓиевски.
Како пример за постојаното оштетување на јавниот простор, градоначалникот ја посочи обновената фонтана „Лотос“ во Градскиот парк. Иако фонтаната неодамна била обновена, клупите околу неа веќе трипати биле исцртани со графити.
– Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на Град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме преку нашето јавно претпријатие – рече Ѓорѓиевски.
Тој предупреди дека парите што градот ги троши за санирање на ваквите оштетувања би можеле да се искористат за други потреби, вклучително и за изградба на нови паркови.
– Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот – истакна градоначалникот.
Покрај поставувањето камери, градските власти најавуваат и уредување на простори што со години биле користени како диви депонии. Во Бутел, според Ѓорѓиевски, во завршна фаза е изградбата на парк од 86.000 квадратни метри, на локација каде што претходно имало депонија.
Тој спомна и за паркот во Карпош планирна со површина поголема од 70.000 квадратни метри, како дел од активностите за создавање нови зелени површини.
– Ако ние само ги исчистиме тие места, тоа според мене е недоволно. Треба да им дадеме нова содржина на локациите кои во минатото биле мета за создавање диви депонии – рече Ѓорѓиевски.
Во Аеродром е планирано уредување на простор од околу 100.000 квадратни метри, кој, според најавите, треба да биде ставен во функција до крајот на 2027 година.
Градоначалникот се осврна и на депонијата Вардариште, чија површина надминува 600.000 квадратни метри. Според него, една фаза од работите е завршена, а следниот чекор е деконтаминација на земјиштето со поддршка од Владата.
– Верувам дека од пролет би започнале со постапка за уредување на тој простор, за таму да никне еден нов парк од вакви размери за Град Скопје – нагласи Ѓорѓиевски.