НА ПРЕМИНОТ ЌАФАСАН ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ ONE STOP SHOP Албанија одобри заеднички гранични проверки со Македонија

Македонската влада пред три дена објави дека го изгласала пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Албанија.

22

Владата на Албанија вчера го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Северна Македонија.

„Според одлуката, договорот има за цел создавање заеднички гранични премини меѓу двете земји и развивање координирани процедури за гранична контрола, со цел олеснување на движењето на патници и стоки, како и зајакнување на прекуграничната соработка“, објави Албанската телеграфска агенција (АТА).






Македонската влада пред три дена објави дека го изгласала пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Албанија, со што се заокружува процесот на воспоставување на системот со трите соседни земји кои не се дел од Шенген, имајќи предвид дека веќе функционира со Србија и со Косово.

Воведувањето на системот „One Stop Shop“ најпрво ќе започне на граничниот премин „Ќафасан“, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.

Заменик министерот за внатрешни работи, проф. д-р Астрит Исени, вчера оствари работна посета на Граничниот премин Ќафасан, каде што одржа состанок со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи, градоначалничката на Корча, Флоринда Зегуљај, како и со раководството на Регионалниот центар за гранични работи Запад и раководството на Граничниот премин Ќафасан.

На средбата се разговараше за претстојното воведување на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, кој најпрво ќе започне да се применува на Граничниот премин Ќафасан, а потоа и на останатите гранични премини меѓу двете земји.

Беше оценето дека воспоставувањето на овој систем претставува значаен чекор кон унапредување на прекуграничната соработка и олеснување на движењето на граѓаните, преку поедноставување на процедурите и намалување на времето на чекање при преминување на државната граница, особено во периодите кога е зголемена фреквенцијата на патници.

Во таа насока, беше истакната важноста од координиран пристап и добра меѓуинституционална соработка, со цел системот „One Stop Shop“ да обезбеди поефикасен проток на патници и повисоко ниво на услуга за граѓаните од двете држави.
Поврзани содржини