МВР ЌЕ ПОСТАВИ СОНЧЕВИ КОЛЕКТОРИ НА ПОВЕЌЕ ОБЈЕКТИ Договорот со компанијата „Дон холдинг“ е вреден близу 500.000 евра
Според договорот компанијата „Дон холдинг“ има рок од 4 месеци да ги испорача, монтира и да ги стави во функција соларните панели.
Министерство за внатрешни работи склучи договор за набавка и поставување на соларни панели со друштвото за посредување, трговија и услуги „Дон холдинг ДООЕЛ“ увоз-извоз од Скопје.
Вредноста на договорот е 30.401.543 денари или 494.334 евра со пресметан ДДВ.
Според договорот компанијата „Дон холдинг“ има рок од 4 месеци да ги испорача, монтира и да ги стави во функција сончевите колектори, по донесена одлука на МВР.
Договорот е со важност од една година, а МВР треба да ги плати завршените работи 2 месеца по пуштањето во работа на колекторите.
Сончеви колектори од 25 квадратни метри, според тендерската документација, ќе се постават на повеќе објекти на Министерството за внатрешни работи и тоа: на објектот во касарната Илинден, одморалиштата во Охрид, Крани и Пониква, на вилата Банско, на управната зграда на Водно, потоа на бараката на моторното одделение, павилјонот во Орман, на зградите на ОВР Прилеп и Радовиш, СВР Битола и Тетово, како и на објектот во Драчево.
Во описот на дејноста на компанијата „Дон холдинг ДООЕЛ“ увоз-извоз која се наоѓа во комплексот Порта Влае, покрај набавка монтирање и сервисирање на соларни системи стои и дека сервисира клима уреди, врши градежно-занаетчиски работи, хаусмајстор, транспорт и селидби како и подготовка на тендерска документација и автоматизација на процеси.