МИЦКОСКИ ГО ОБВИНИ ФИЛИПЧЕ ДЕКА НЕ ПРЕЗЕЛ НИШТО КАКО МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО ЗА НЕИСПРАВНАТА ВОДА Премиерот го повика Обвинителството да ги испита старите наводи
Премиерот потсети на состојбите со водата за пиење во времето кога Филипче беше министер за здравство.
Премиерот Христијан Мицкоски ја коментираше состојбата со водата за пиење во Општина Гостивар, како дел од пратеничкото прашање на лидерот на опозициската партија СДСМ. Премиерот потсети на состојбите со водата за пиење во времето кога Филипче беше министер за здравство.
– Има луѓе од вашата пратеничка група од Прилеп. Извештај од Центарот за јавно здравје во Прилеп од 01 февруари 2019 до 28 февруари 2019 и се однесува за градовите Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Самиот извештај вели дека има неисправност на водата поради тоа што има бактериолошка неисправност и физичко-хемиска неисправност на примероците. Преземено, ништо. Следен извештај 01 март 2019 до 31 март 2019, повторно за истите градови, и повторно преземено ништо. Можам да ви редам многу вакви извештаи. Овде има цел сноп за Гостивар и за околината. Вие сте министер во тој период. Не само што ви гореа модуларни болници, туку како доктор вие не се држевте до заклетвата. Вие дозволувавте луѓето да конзумираат вода која во најмала рака кажано, претставувала ризик за здравјето на тие кои што ја конзумирале – рече Мицкоски.
Тој информираше дека бројот на неисправните примероци од водата во Гостивар се намалува и очекува дека гостиварци за неколку дена ќе имаат исправна вода и за пиење, а во исто време го повика Обвинителството да се позанимава и со наводите од минатите извештаи.