„МЕТА“ ГО ИЗГУБИ СПОРОТ ПРОТИВ ЕВРОПСКИТЕ ИЗДАВАЧИ Судот пресуди дека ќе мора да им плаќа за користење на вестите
Европскиот суд на правдата во Луксембург пресуди дека правото на издавачите на „фер надомест“ е во согласност со европското законодавство, под услов надоместокот да се однесува на овластувањето за користење на нивните публикации на Интернет.
Технолошкиот гигант „Мета“ го изгуби случајот против италијанскиот регулатор со кој се бара компанијата да им плаќа на издавачите надомест за користење извадоци од статии во весници, откако Судот на правдата на Европската Унија застана на страната на италијанскиот телекомуникациски регулатор AGCOM.
Пресудата е дел од поширок конфликт меѓу медиумските издавачи и технолошките компании околу авторските права и користењето на новинарска содржина за онлајн платформи и развој на вештачка интелигенција.
Поради наводно кршење на авторските права, веќе се покренати постапки против компании како што се „Meta“, „OpenAI“ и „Anthropic“.
Европскиот суд на правдата во Луксембург пресуди дека правото на издавачите на „фер надомест“ е во согласност со европското законодавство, под услов надоместокот да се однесува на овластувањето за користење на нивните публикации на Интернет.
Случајот дојде пред Европскиот суд откако „Мета“ го оспори овластувањето на италијанскиот регулатор AGCOM да ги утврди надоместоците што онлајн платформите треба да ги плаќаат за користење на статии во весници.
„Мета“ тврдеше дека ваквите мерки се некомпатибилни со правата што веќе им се гарантирани на издавачите според европското законодавство за авторски права. Италијанскиот суд потоа побара толкување од Судот на ЕУ.
– Детално ќе ја проучиме одлуката и конструктивно ќе соработуваме кога случајот ќе се врати во италијанските судови – изјави портпаролката на „Мета“.
Европскиот совет на издавачи ја поздрави пресудата, оценувајќи дека таа ќе придонесе за пофер преговори меѓу медиумите и големите технолошки платформи.
Извршната директорка на Советот, Анџела Милс Вејд, рече дека квалитетното новинарство зависи од тоа дали издавачите ќе можат да ги надоместат инвестициите потребни за производство на веродостојни вести и информации. Таа додаде дека судот препознал дека оваа цел не е само од економски интерес, туку и за зачувување на слободата на медиумите и плурализмот во демократските општества.