М-ТАГ ЌЕ СЕ КУПУВА И ОД МОБИЛНИТЕ ОПЕРАТОРИ ТЕЛЕКОМ И А1 Плаќањето на патарина се врзува со телефонската или со банкарската сметка

Директорот на ЈП Државни патишта, Коце Трајановски вели дека се размислува и за воведување на моделот на наплата на патарините како во Србија односно затворен систем за наплата за поминати километри. За таа цел, веќе се работи на студија да се воведе ваков систем на наплата на Коридорот 8.

11

М-таговите за наплата на патарините отсега ќе бидат достапни и преку двата најголеми мобилни оператори во земјава – А1 Македонија и Македонски телеком. Ќе може да се купат на 24 рати за месечен износ од 49 денари, а наплатата на патарините ќе се врши преку банкарската сметка на корисникот или преку сметката за мобилни услуги.

Со регистрација на веб страницата на мобилниот оператор, корисникот ќе може да одбере дали М-тагот да биде врзан со неговата кредитна или дебитна картичка и со секое поминување на патарина ќе биде наплатена сумата или доколку сака ќе има опција наплатата за минување на патарина да биде на нивната телекомуникациска сметка.

Мобилните оператори најавуваат промоции за своите корисници, а од Јавното претпријатие за државни патишта очекуваат дека на ваков начин М-таговите ќе станат подостапни за граѓаните.

–  Досега, М -таговите можеше да се купат во ЈПДП или на наплатата станица Петровец. На овој начин, ќе ги доближиме до граѓаните и ќе бидат понудени на кориснициите на двата најголеми мобилни оператори. Ако ја гледаме сегашната состојба, ние многу заостануваме во однос на нашите соседи во смисла на тоа дека имаме многу мал број на М- тагови, а многу плаќање во кеш. Проблемот се мултиплицира затоа што на патарините каде има М-таг поминуваат и со М-кард и доколку нема пари на картичката, се прави застој. Сето тоа го смалува протокот на возила на наплатните станици. Целта е да се зголеми протокот на возила на патарините а еден од главните начини е да имаме што поголема достапност на М- таговите. Тргнувајки од тој апсект, имавме јавен повик на кој се пријавија Македонски телеком и А1 Македонија кои имаат широка продажна мрежа низ Македонија и преку нивната мрежа ќе овозможат М-таговите да биде што подостапни – изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Трајановски вели дека наплатата со М-тагови е зголемена и сега изнесува некаде околу 36% за разлика од претходно, но оти на овој начин М-таговите ќе бидат подостапни и протокот на патарините ќе биде полесен.

Покрај ова, Трајановски вели дека се размислува и за воведување на моделот на наплата на патарините како во Србија односно затворен систем за наплата за поминати километри. За таа цел, веќе се работи на студија да се воведе ваков систем на наплата на Коридорот 8.

– Промена на цената на патарината нема да има. Идејата е наплатата да биде на последната наплатна станица. На сите излези во меѓупросторот ќе има наплата. Проблемот кај нас е што има многу излези, но ќе го надминеме тоа – рече Трајановски.

Поврзани содржини