МЕНАЏЕР НА ХОТЕЛ КАЗНЕТ СО ЗАТВОР И ТЕШКА РАБОТА ЗАШТО ОДБИЛ ДА ДАДЕ СОБА НА ЖЕНА Стравувал дека мажи би можеле да ја посетат

Во јануари оваа година, новинарката Ала Саад се обидела да се пријави за престој во хотелот во Египет, но ѝ било кажано дека „не смеат да влезат самохрани жени“.

0

Апелацискиот суд во египетскиот град Порт Саид ја поништи ослободителната пресуда за менаџерот на хотел кој одбил да смести новинарка затоа што патувала сама. Менаџерот бил осуден во отсуство на една година затвор и тешка работа, како и парична казна од 50.000 египетски фунти (околу 810 евра), објавија тамошните медиуми.

Во јануари оваа година, новинарката Ала Саад се обидела да се пријави за престој во хотелот, но ѝ било кажано дека „не смеат да влезат самохрани жени“. Таа поднела жалба до полицијата во Порт Саид, а Обвинителството покренало постапка според член 161 од Кривичниот законик на Египет, којшто ја криминализира половата дискриминација што ги лишува жените од еднакви можности. На рочиштето во март, Судот го прифати аргументот на хотелот дека одбил да смести жена што патува сама, „поради страв дека мажите би можеле да го посетат“ одморалиштето и оти ова е внатрешна политика на хотелот, а не кривично дело. Дополнително, првостепениот суд ѝ наложи на Саад да ги плати судските трошоци.

По барање од новинарката, Обвинителството поднесе жалба, а Апелациониот суд ја поништи ослободителната пресуда во отсуство на менаџерот. Според Законот, одлуката ќе стапи во сила откако тој ќе биде официјално известен.

Организациите за човекови права го опишаа делото како една од првите кривични пресуди во Египет за дискриминација врз основа на пол во хотелиерството. Според Египетската иницијатива за лични права и Фондацијата „Нова жена“, ова не е изолиран случај, особено во хотелите надвор од главниот град Каиро.

Според наводите, оваа практика ги крши уставните одредби што ја забрануваат дискриминацијата врз основа на пол, како и други законски норми што ги обврзуваат хотелите да сместуваат гости без предрасуди. Египетскиот закон не дозволува ново испитување на таков случај, што се смета за помало кривично дело. Ова значи дека гувернерот може да поднесе жалба на пресудата само до највисокиот суд во Египет, и тоа само врз ограничени правни основи, а не врз основа на утврдени факти.

Поврзани содржини