МЕЧКА БРКАЛА МОМЧЕ ВО СЕЛО КРАПА 15-годишно дете за влакно избегна трагедија
Таткото на детето, 61-годишен жител на селото, изразил голема вознемиреност и загриженост за животот на своите деца. Тој истакнал дека во последната година средбите со мечки станале зачестени, а пред само еден месец една мечка грабнала и изела заостаната овца од нивното стадо“, информираат од ЦУК.
Петнаесетгодишно момче од село Крапа, Општина Македонски Брод, доживеало вистински хорор откако огромна мечка го гонела додека се враќало со стадото овци кон селото. Детето, иако паднало во обид да избега, за среќа не било повредено и успеало да стигне на сигурно. Инцидентот се случил во неделата, 2 февруари, во периодот од 18:15 до 20:15 часот.
Според пријавата поднесена до Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку бројот за итни случаи 112, мечката не била мало загубено мече, туку возрасен и опасен предатор. Откако случајот бил пријавен и во полициската станица во Македонски Брод, ЦУК ги известил сите надлежни институции за преземање мерки за заштита на населението.
„Таткото на детето, 61-годишен жител на селото, изразил голема вознемиреност и загриженост за животот на своите деца. Тој истакнал дека во последната година средбите со мечки станале зачестени, а пред само еден месец една мечка грабнала и изела заостаната овца од нивното стадо“, информираат од ЦУК.
Според неговото сведоштво, мечките се почесто се појавуваат во пониските предели, сѐ поблиску до селото. Забележани биле траги во правец кон селото Зрзе и село Дебреште, близу границата со Општина Прилеп. Жителите на Крапа велат дека нивните кучиња сѐ почесто лаат ноќе, што е знак дека мечките кружат околу трлата со добиток.
По алармот од ЦУК, институциите од Системот за управување со кризи се мобилизирани за преземање безбедносни мерки со цел заштита на граѓаните и нивниот имот. Очекувањата се дека ќе се применат хумани методи за одвраќање на мечките од населените места.
Жителите на селото Крапа бараат итна интервенција, стравувајќи дека следниот пат мечките би можеле да бидат уште поагресивни.