БЕВМЕ НЕРВОЗНИ, ГУБЕВМЕ ТОПКА, ПРИЗНАВА АНЧЕЛОТИ Бразил ремизираше, Мароко покажа дека не е случајно светска сила

Италијанецот призна дека неговиот тим бил нервозен и далеку од посакуваното ниво, додека Мароканците жалеа што не го изненадија петкратниот светски шампион.

0

Бразил и Мароко ремизираа 1:1 во еден од најинтересните натпревари од првото коло на Светското првенство, а селекторот на Бразил Карло Анчелоти по мечот призна дека неговиот тим не личел на фаворит во добар дел од натпреварот.

Мароканците поведоа преку Исмаел Саибари во 21. минута, додека Винисиус Жуниор во 32. минута го спаси „Селесао“ од непријатен старт на Мундијалот.






„Бевме нервозни и ја губевме топката“

Анчелоти не криеше дека не е задоволен од изданието на Бразил, особено во првото полувреме.

– Не го започнавме добро натпреварот. Тимот беше нервозен и често ја губеше топката. Немавме контрола каква што посакувавме и се мачевме да останеме во игра. Во второто полувреме бевме многу подобри и од тоа сум позадоволен – изјави Анчелоти.

Италијанецот додаде дека Мароко уште еднаш покажал зошто е меѓу најнепријатните репрезентации во светот.

– Ова беше тежок натпревар. Мароко е многу квалитетен тим и особено е опасен во транзиција – порача бразилскиот селектор.

Винисиус повторно го спасуваше Бразил

Бразил во голем дел од првото полувреме беше во подредена положба, а мароканскиот среден ред успеа да го неутрализира дуото Касемиро, Бруно Гимараеш.

Во тие моменти повторно се појави Винисиус Жуниор, кој со голот за 1:1 спречи пораз на петкратниот светски шампион.

За напаѓачот на Реал Мадрид ова беше десетти гол за Бразил во неговиот 50-ти настап.

Мароко жали за пропуштената шанса

Мароканците не го криеја задоволството од освоениот бод, но признаа дека останува чувство дека можеле и повеќе.

– Освоивме бод и задоволни сме од играта. Не беше лесно против еден од фаворитите за титулата, но покажавме дека можеме да се носиме со секого – изјави Ашраф Хакими.

Новиот селектор Мохамед Уаби, кој го наследи Валид Реграги, исто така оцени дека неговиот тим оставил одличен впечаток.

– Играчите се разочарани затоа што сакаа победа. Во второто полувреме ритамот падна, но тоа е разбирливо против противник од ваков квалитет – рече Уаби.

„Светско не се освојува на првиот меч“

И покрај критиките за играта, Анчелоти порача дека нема место за паника.

– Не смееме да ја изгубиме самодовербата. Светско првенство не се освојува врз основа на првиот натпревар. Треба да учиме од грешките и да напредуваме како што ќе одминува турнирот – истакна италијанскиот стратег.

Поврзани содржини