ЛУКСУЗНОТО „АУДИ А6“ НА МЕРКО ПРОДАДЕНП ЗА 22.000 ЕВРА Со парите Општина Струга ќе враќа долгови

Битолска компанија на аукција го купи луксузното ауди, кое пред 7 години го набави поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, за 67.000 евра.

0

Службеното „Ауди А6“ на Општина Струга, кое пред 7 години го купи поранешниот градоначалник од ДУИ, Рамиз Мерко за 67.000 евра денеска беше продадено на јавна аукција за 22.000 евра.

Продажбата на автомобилот одеше преку извршител, кој пред 4 месеци го заплени возилото. Парите ќе се искористат за враќање на долгоивте на Општина Струга кон повеќе доверители.






„Озлогласеното службено возило, кое беше симбол на прекумерниот луксуз на поранешниот градоначалник на Општина Струга, денеска беше продадено за 22.000 евра, со што се намалува јавниот долг на нашата општина. Возниот парк на Општина Струга треба да располага со возила кои се неопходни за ефикасно и нормално функционирање на општинската администрација. Овој пристап, насочен кон намалување на трошоците и на јавниот долг, ќе ни помогне во наредните години да создадеме услови за уште поголем развој на Општина Струга“, објави локалната самоуправа на Фејсбук.

Секое заштедено евро значи повеќе средства за инфраструктура, училишта, градинки, јавни површини и поквалитетни услуги за граѓаните, соопшти локалната самоуправа.

„Тоа е принципот на кој се темели работењето на новото општинско раководство – помалку луксуз за функционерите, повеќе инвестиции за Струга. Општина Струга ќе продолжи со политиката на рационализација на трошоците, транспарентно управување и постепено намалување на јавниот долг“, соопшти општинската прес-служба.

Аудито со кое се возеше Мерко, ќе се вози низ Битола.

„На јавната аукција учествуваа 9 заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и од Скопје. По транспарентна и конкурентна постапка, највисоката понуда во износ од 22.000 евра ја достави компанија од Битола, која беше избрана за најповолен понудувач“ информира Општина Струга.

Општината го купи луксузното возило во време кога имала блокирана сметка, а набавката свевремено предизвика бура во јавноста. Против Мерко се водеше судски спор, на кој судот во Струга одлучи дека поранешниот градоначалник нема вина за набавката на луксузното возило.

Поврзани содржини