Гласањето и (не)доверба во дијаспората

Независни студии (вклучувајќи ги и оние на Универзитетот во Мичиген) покажаа дека софистицираните злонамерни софтвери теоретски би можеле да ги инфицираат дури и серверите на Изборната комисија или компјутерите на гласачите на начин што би можел да манипулира со гласовите без откривање.

8

„Дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина“, тврди премиерот  и лидер на владејачката партија Христијан Мицкоски. Според него, олеснувањето на условите за гласање на дијаспората е „нашата црвена линија“ во однос на донесувањето на новото изборно законодавство, како приоритет за јакнење на националните интереси.

Премиерот, по многу години јалова дебата околу овозможување претпоставки за оставрување на уставно загарантираното право на глас за сите, зборува директно за суштината на проблемот. „Не е битно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма. Дајте да најдеме начин, да најдеме некоја пракса во светот како би успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин“.






Сосема е јасно дека бројот на оние кои би ја поддржале ваквата определба, без оглед на меѓупартиските остри несогласувања, не е мал. Многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Логиката е мошне едноставна. Гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето на вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии. Доколку дијаспората е нераскинлив дел од татковината, и треба да се охрабрува да се врати и инвестира, тогаш треба да биде и нераскинлив дел од изборниот процес во земјата.

Опозицијата, зборувајќи за безбедносни ризици, изнесува забелешки дека електронското гласање не е соодветен модел за македонската дијаспора. На иселениците неправедно би им бил овозможен комодитет додека пијат кафе да гласаат од дома, додека гласачите во земјата би биле ставени во нерамноправна положба, да продолжат да се мачат така што во, на пример, Чашка, Брвеница, Крива Паланка, или во која било друга општина, ќе треба да се помачат додека дојдат до избирачките места.

Но какви искуства би можеле да бидат земени предвид, поврзани со изборните модели во Европа? Естонија е европска земја каде што сите граѓани со право на глас, и во земјата и во дијаспората, можат редовно да гласаат онлајн на национални, локални и избори за ЕУ. Системот се користи од 2005 година, а над половина од гласовите на парламентарните избори во 2023 година биле преку електронско гласање. Естонија има околу 1,33 милиони жители. Според проценките на естонското МНР, приближно 200.000 лица со естонско потекло живеат од странство, или околу 15-20 проценти од вкупното население.

Франција дозволи онлајн гласање за француските граѓани кои живеат во странство на одредени избори од 2012 година, особено за избори за претставување на француската дијаспора. Електронското гласање на претседателските избори варираше со текот на времето поради безбедносни проценки. И Швајцарија експериментира со е-гласање со години, главно за швајцарските граѓани кои живеат во странство. Сепак, системот не е достапен насекаде и беше паузиран и повторно воведен неколку пати по безбедносните прегледи.

Каква можност се добива со гласањето онлајн? Естонските граѓани можат да гласаат преку електронско гласање од дома во текот на законски определниот период што му претходи на денот на изборите. За да го сторат тоа, потребен им е компјутер, естонска лична карта со придружни ПИН-кодови и читач на картички или мобилна идентификација (мобилен-ИД). Доколку некој кој гласал електронски подоцна се предомисли и, наместо тоа, сепак сака да гласа на физичко избирачко место на денот на изборите, има право да го стори тоа. Физичкото гласање потоа го поништува дигиталното гласање.

Според статистичките показатели, интересирањето за електронско гласање постојано е во пораст со секој нов изборен циклус во земјата, иако Естонија, како што укажуваат познавачите, досега не ги „решила“ безбедносните проблеми на начин што го прави системот целосно имун на ризици. Но, она што е сигурно, е дека Естонците успеале да развијат единствена комбинација од технички, правни и социјални решенија.

Неколку главни принципи се клучни кога станува збор за естонскиот изборен модел. За да го решат социјалниот проблем со тоа што некој ве принудува од дома да гласате за одредена партија, Естониците вовеле уникатно правило: Можете да гласате дигитално колку пати сакате.  Секогаш вашиот последен дигитален глас е тој што се брои. Ако некој бил принуден да гласа на одреден начин, может да се најави подоцна и да го промени својот глас.

Основата на целиот систем е тоа што сите естонски граѓани имаат лична карта (или мобилна лична карта) издадена од државата, опремена со чип и поврзана со инфраструктура од т.н. јавни клучеви. Читачи на картички и уникатни ПИН-кодови се потребни за гласачите да се идентификуваат себеси и дигитално да го потпишат гласот. Ова го отежнува гласањето во име на некој друг, без физички пристап до картичката и кодовите на лицето.

За естонските гласачи во дијаспората, постои уште една можност – гласање по пошта. За да се одржи гласот анонимен, но сепак да се осигура дека гласаат само оние што имаат право на глас, Естонија користи дигитален еквивалент на двојни пликови. Надворешен плик што го содржи дигиталниот потпис на гласачот, и внатрешен плик што го содржи самиот глас, шифриран со јавниот клуч на Изборната комисија. Кога ќе заврши периодот на гласање, идентитетот се проверува. Надворешниот плик потоа се „фрла“ (потписот се отстранува), а целосно анонимните, шифрирани гласови се преместуваат во изолиран компјутер без интернет конекција, каде што се дешифрираат и пребројуваат.

За заштита од „штетен“ код на компјутерот на гласачот, кој го менува неговиот глас без негово знаење, се користи систем со два екрана. Кога се гласа на компјутерот, на екранот се генерира QR код. Гласачот го скенира кодот со апликација на својот мобилен телефон. Мобилната апликација презема информации директно од изборниот сервер и на мобилниот екран прикажува за кого всушност поединецот гласал. Ако компјутерот е заразен со вируси и променил нечиј глас, тоа гласачот директно може да го види на својот мобилен телефон.

И покрај овие решенија, меѓународните експерти за онлајн безбедност се сè уште скептични. Независни студии (вклучувајќи ги и оние на Универзитетот во Мичиген) покажаа дека софистицираните злонамерни софтвери теоретски би можеле да ги инфицираат дури и серверите на Изборната комисија или компјутерите на гласачите на начин што би можел да манипулира со гласовите без откривање.

Во секој случај, Естонија не се откажува од својот изборен модел, а и голем број други европски земји ги разгледуваат можностите за имплементирање на таквите механизми во своето изборно законодавство.

Естонија во повеќе наврати беше цел на сериозни сајбер напади уште од нејзиното осамостојување од Советскиот Сојуз. Во 2007 година, ИТ-системите на земјата беа нападнати за време на конфликтот меѓу Естонија и Русија. Но, земјата продолжи да ја гради својата техничка експертиза и ИТ-безбедност, а архитектуте зад системот за е-гласање се е уверени дека е безбеден. Според естонската изборна комисија, довербата е најважниот фактор за да се обезбеди дека гласањето преку интернет всушност се одвива непречено.

Што се однесува до Македонија, искуствата околу гласањето на дијаспората, која досега можеше да гласа само во дипломатско-конзуларните претставништва, во многу случаи оддалечени од гласачите со стотици или илјадници километри, се поразителни. Проблемот е во тоа што бројката на иселениците кои се пријавуваат да го остварат своето право на глас е занемарливо мала, речиси безначајна.

Наместо продлабочена скепса, можеби е крајно време да се покаже јасна политичка волја за градење на доверба што суштински ќе го засили мостот за поврзување на дијаспората со татковината. Реформата на изборниот модел е секако еден од најважните чекори во таа насока.

 

 

Поврзани содржини