НАСТАВНИК ПОЛЕАН СО БЕНЗИН ВО ФРАНЦИЈА Протестите eскалираа, Лекорну свика кризен состанок

Бунтот поради недостигот од наставници и лошите услови во училиштата се прелеа и на универзитетите, каде што се блокирани околу 30 кампуси. Над 600 лица беа уапсени во претходниот ден на протести, а владата на Себастијан Лекорну свика кризен состанок.

90

Нов бран насилство ги зафати протестите што веќе една недела ја тресат Франција, а движењето сега од средните училишта се прошири и на универзитетите. Околу 30 кампуси се блокирани, додека владата свика кризен состанок по стотиците апсења и сè потешките инциденти.

Директор на училиште во Марсеј бил полеан со бензин и повреден. Засега не се објавени повеќе детали за неговата здравствена состојба.






Избувнале пожари во најмалку две училишта, а група млади луѓе запалила и противпожарно возило.

Насилството не останало ограничено само на Марсеј. Пожар избувнал и во средното училиште „Нелсон Мандела“ во Нант, каде што зградата била евакуирана, а учениците кои пристигнувале на настава биле вратени. Нема повредени во тој пожар.

Од средните училишта протестот се префрли и на универзитетите

Новиот развој е дека протестното движење, кое досега главно ги опфаќаше средношколците, во четвртокот се прошири и на студентите. Студентскиот сојуз „Union Étudiante“ објави дека се блокирани околу 30 универзитетски кампуси низ Франција.

Со тоа протестот прераснува од бунт во средните училишта во поширока мобилизација на младите низ земјата.

Главните барања остануваат повеќе средства и персонал, вработување наставници и подобрување на условите за учење. Голем број ученици и студенти протестираат мирно поради дотраените згради, преполните училници и недостигот од наставници.

Но, на други места протестите прераснале во вандализам и судири. Палени се контејнери, фрлани се петарди и други предмети, а медиумите објавија и за напади врз автобуси и автобуски станици. Полицијата на повеќе места употребила солзавец.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез тврди дека на некои места предизвикувачи на нереди се движат од училиште до училиште и поттикнуваат насилство. Владата го осуди насилството, но истовремено призна дека проблемите во образовниот систем мора да се решаваат.

Над 600 уапсени за еден ден

Само за време на вчерашните протести биле уапсени над 600 лица, меѓу другото и под обвиненија за подметнување пожари и напади врз полицајци.

Тензиите се особено високи во Сен Дени, во париското предградие, каде што толпи млади луѓе се соочија со полициски кордони. Учениците ја обвинуваат полицијата за претерана употреба на сила и солзавец.

Еден ученик носел транспарент со порака директно упатена до полицијата: „Можеме ли да се објасниме без да бидеме гаѓани со солзавец?“

Протестите почнаа минатата недела поради недостигот од наставници и друг персонал, недоволните ресурси и лошата состојба на дел од училишните објекти, а потоа се проширија низ Франција.

Новата ескалација доаѓа во момент кога француската влада објави и серија непопуларни намалувања на трошоците во буџетот за 2027 година, дополнително засилувајќи го политичкиот притисок врз власта.

Лекорну ги собра министрите на кризен состанок

Ескалацијата ја натера владата на премиерот Себастијан Лекорну да свика кризен состанок. Се очекува неколку министри да разговараат за состојбата во средните училишта по повеќедневните протести со кои се бараат повеќе средства и персонал.

Протестите на учениците во меѓувреме се преклопија со поширокото незадоволство во јавниот сектор, додека владините планови за намалување на трошоците отворија уште еден фронт на незадоволство.

Владата го критикуваше насилството што избувна на дел од протестите, но призна дека тешкотиите со кои се соочуваат средните училишта треба да бидат препознаени и решавани.

Министерот за образование Едуар Жефри побара училиштата чиј пристап е блокиран да организираат настава од далечина.

– Насилството нема да ги спречи нашите ученици да го остварат своето фундаментално право на образование – порача Жефри.

Поврзани содржини