📽️ ИНДИСКИОТ КАПЕТАН БИЛ ХЕРОЈ, ИЗБОДЕН ОТВОРИЛ ВРАТА Израелецот Јанив раскажа што точно се случувало на „Флајдубаи“
Патникот Јанив Хајун првпат детално раскажа што затекнал зад вратата на пилотската кабина и како го извлекол осомничениот копилот од командите. Ранетиот капетан Смит Мачар го направил клучниот потег што им овозможил на патниците да влезат.
Израелскиот патник Јанив Хајун откри како точно успеал да влезе во пилотската кабина на летот на „Флајдубаи“ во моментите кога авионот нагло губел висина. Тој на премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху му раскажа дека тешко ранетиот индиски капетан Смит Мачар, иако бил избоден, успеал да ја отклучи вратата однатре.
Ранетиот индиски капетан Мачар останал на лекување во Саудиска Арабија, а неговата состојба била стабилна. Индискиот премиер Нарендра Моди и Нетанјаху јавно ја пофалија неговата храброст.
– Кога влегов, го видов напаѓачот кај командите, меѓу двете седишта. Немаше пилоти на седиштата – му раскажал Израелецот Хајун на израелскиот премиер.
Тој веднаш се нафрлил врз осомничениот копилот.
– Го зграпчив, го ставив во зафат и прво го извлеков надвор – рекол Хајун.
На прашањето на Нетанјаху што правел човекот во тој момент, Хајун одговорил дека, според она што го видел, се обидувал да ги уништи командите и да го онеспособи авионот.
Откако побарал од другите патници да помогнат во совладувањето на осомничениот, Хајун забележал дека авионот и натаму опасно се навалува. Тогаш повторно се вратил во кокпитот.
– Скокнав назад, ги фатив командите и почнав да ги повлекувам – раскажал тој.
На изненадувањето на Нетанјаху од каде знаел што да направи, Хајун се пошегувал дека ја гледа „Мeјдеј“, канадската документарна серија која реконструира авионски несреќи.
– Авионот почна малку повеќе да се израмнува, а потоа пилотот ми рече дека тој презема оттаму – рекол Хајун.
Приказната за Хајун стигнала и до американскиот претседател Доналд Трамп. Тој претходно изјави дека лично разговарал со Нетанјаху за драмата и дека израелскиот премиер детално му раскажал како еден патник „водоводџија“ извршил „херојски чин“.
– Израелски водоводџија виде што се случува. А знаете, кога кревате цевки цел ден, силни сте – рече Трамп.
Драмата се случила на летот FZ1073 од Дубаи кон Тел Авив со 174 лица. По нападот врз капетанот авионот нагло почнал да губи висина, а подоцна принудно слетал во Табук, Саудиска Арабија.
Осомничениот копилот е државјанин на Оман и бил задржан од саудиските власти. Токму неговиот мотив останува едно од главните неодговорени прашања по драмата во воздухот.