МЕСИ ПРОТИВ НАЈГОЛЕМАТА СЕНЗАЦИЈА, САЛАХ ГО СПАСУВА ЕГИПЕТ Три спектакли ја затвораат осминафиналната рунда
Аргентина предводена од Лионел Меси ќе се соочи со сензацијата Зеленортски острови, додека Египет на Мохамед Салах ќе се обиде да ја елиминира Австралија. На програмата е и дуелот Колумбија – Гана, по кој ќе биде комплетирано првото нокаут коло на Светското првенство.
Лионел Меси и Мохамед Салах ќе бидат во центарот на вниманието во последната вечер од првото нокаут коло на Светското првенство. Аргентина ќе ја брка четвртфиналната виза против сензацијата Капе Верде, Египет со својот најголем адут Салах ќе се соочи со Австралија, а програмата ќе ја заокружи пресметката меѓу Колумбија и Гана.
Австралија – Египет (20:00 часот)
Првиот натпревар носи дуел меѓу две селекции кои покажаа голема дисциплина во групната фаза, но во осминафиналето влегуваат со сериозни кадровски проблеми.
Австралија, предводена од селекторот Тони Поповиќ, обезбеди пласман во елиминациската фаза со победа над Турција, реми со Парагвај и пораз од САД. Сепак, „кенгурите“ ќе бидат значително ослабени поради повредите на Јакоб Италијано и Метју Леки.
Египет, пак, ја заврши групната фаза без пораз. По ремито со Белгија следуваа убедлива победа над Нов Зеланд и реми со Иран, што беше доволно за место во нокаут фазата.
Селекторот Хосам Хасан нема да може да смета на повредените Мохамед Абделмонем и Ахмед Фатух, како ниту на суспендираниот Моханад Лашин.
Дополнителен притисок врз Египќаните создаде инцидентот во хотелот во Далас, каде нивната делегација беше вмешана во конфликт со полицијата. Останува да се види дали негативната енергија ќе ја претворат во мотив на теренот.
Аргентина – Зеленортски острови (00:00)
Актуелниот светски шампион Аргентина е голем фаворит против најпријатното изненадување на турнирот – Зеленортски острови.
Избраниците на Лионел Скалони без проблеми ја освоија првата позиција во својата група, совладувајќи ги Алжир, Австрија и Јордан. Дополнителна предност за „гаучосите“ е што во осминафиналето влегуваат без проблеми со повреди и суспензии.
Од другата страна е селекцијата на Зеленортски острови, која испиша историја со пласманот во нокаут фазата. Африканската репрезентација освои бодови против Шпанија, Уругвај и Саудиска Арабија, но вечерва ќе биде ослабена поради повредата на Телмо Арканжес.
Иако Зеленортски острови веќе покажа дека знае да ги изненади фаворитите, Аргентина важи за еден од главните кандидати за светската титула.
Колумбија – Гана (03:30)
Последниот натпревар носи интересен судир меѓу Колумбија и Гана.
Колумбијците ја освоија својата група со седум бода, остварувајќи победи над Узбекистан и ДР Конго, како и реми со Португалија. Селекторот Нестор Лоренцо на располагање го има комплетниот состав.
Гана, пак, се пласираше како една од најдобрите третопласирани селекции. „Црните ѕвезди“ ја совладаа Панама, ремизираа со Англија и загубија од Хрватска.
Селекторот Карлос Кеирош има дилема околу настапот на дефанзивецот Жером Опоку, кој е под знак прашалник поради повреда.
Победникот од овој дуел во следната рунда ќе игра против Швајцарија, која претходно обезбеди место во четвртфиналето.