ЛАНИ ИМАЛО 4 НАПАДИ ВРЗ ЛЕКАРИ Напаѓачите биле пациенти или членови на потесното семејство

Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 проценти биле изложени на вербално насилство, додека 6,8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите, воопшто не се пријавени - наведуваат од Лекарската комора.

56

На 12 март – Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора како и докторските комори ширум Европа, повикуваат на итна акција за справување со насилството со кое се соочуваат здравствените професионалци и кое е присутно во здравствените установи.

– Во изминатата 2024 година во Комората се пријавени четири напади. Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство – велат од Лекарската комора.






Оттаму нагласуваат дека насилството врз здравствените работници, почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади, достигнало алармантно ниво.

– Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60 проценти од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место. Во анкета спроведена од Лекарската комора пред три години, 78 отсто од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 проценти биле изложени на вербално насилство, додека 6,8 отсто доживеале физичко насилство. Речиси 70 проценти од нападите, воопшто не се пријавени – наведуваат од Лекарската комора.

Претседателката на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова, ги повика креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи.

– Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга што им е потребна. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници, служи како моќен потсетник дека насилството не треба да биде дел од работата на здравствените работници и не треба да биде присутно во здравствените установи – нагласува Гривчева Старделова.

Комората преку кампања на социјалните мрежи, годинава потсетува на важноста за негување партнерски однос помеѓу докторите и пациентите, заснован на меѓусебно разбирање и почит, за што поддршка доби и од здруженија на пациенти.

– Секој пациент заслужува најдобра можна здравствена грижа, а секој здравствен работник заслужува да работи во безбедна средина. Затоа, градењето меѓусебна доверба, професионализам и механизми за отчетност, е, единствениот пат кон подобрување на здравствениот систем – без потреба од насилство, без страв и без дополнителни жртви. Ако постои сомнеж за грешка или занемарување, пациентите имаат право да бараат објаснување, второ мислење или да поднесат официјална жалба. Дијалогот помеѓу пациентите и лекарите е клучен, бидејќи многу од недоразбирањата произлегуваат од страв, незнаење или неправилна комуникација – соопшти Комората.

На иницијатива и залагање на Лекарската комора во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело.

– Со тоа, делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи, се кривични дела за кои е предвидена казна затвор. Овие законски измени се во насока на демотивирање на избор на насилството, како начин за решавање на проблемите – додаваат од Лекарската комора.

Поврзани содржини